Почетна ЕкономијаДубровнички Форум 2025: Муцунски на работна вечера за Украина

Дубровнички Форум 2025: Муцунски на работна вечера за Украина

од nenad
1 минути читај за

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, учествуваше на работна вечера посветена на Украина – значаен политички формат на кој, како регион, уште еднаш беше потврдена силната и непоколеблива поддршка за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во склад со принципите на меѓународното право, соопшти Министерството.

Во своето излагање, министерот Муцунски јасно ја нагласи постојаната поддршка и солидарност која Република Северна Македонија ја дава за Украина, како и подготвеноста да продолжи со оваа помош и во иднина, во партнерство со сојузниците.

Тој посебно го поздрави донесувањето на заедничката декларација со која беа потврдени посветеностите за итно запирање на воените дејствија, изнаоѓање решение преку дипломатски разговори, обнова на енергетскиот сектор на Украина, како и обезбедување одговорност за извршените злосторства преку новоформираниот Специјален трибунал за злосторство на агресија против Украина.

Министерот Муцунски потенцираше дека Северна Македонија останува цврсто решена да ја поддржува Украина и нејзините напори за зачувување на слободата, демократијата и европските вредности. Во своето обраќање изрази убеденост дека средби во ваков регионален формат можат да бидат од огромна корист за Украина, посебно во контекст на утврдување на следните чекори кои би воделе кон постигнување праведен и траен мировен договор и ставање крај на руската агресија.

Инаку, Дубровник Форум има изградено репутација на важна платформа за меѓународен дијалог, нудејќи можност за размена на гледишта и дебата за најзначајните геополитички и безбедносни предизвици. Секоја година, темите на форумот се поставуваат во контекст на актуелните глобални случувања, придонесувајќи кон формирање на побезбеден, поправеден и поконструктивен меѓународен поредок.

На маргините на форумот, министерот Муцунски оствари одвоени билатерални средби со своите колеги – шефовите на дипломатија на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ; на Косово, Доника Гервала-Шварц; на Грузија, Мака Бочоришвили; и на Молдавија, Михај Попшои.

сст/дма/Фото: МНРиНТ .

Извор: МИА