Почетна ЕкономијаЕвроинтеграцијата на Македонија и економската соработка во фокусот на средбата Сиљановска-Давкова – Санчез

Евроинтеграцијата на Македонија и економската соработка во фокусот на средбата Сиљановска-Давкова – Санчез

од nenad
1 минути читај за

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља, оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.

Во врска со нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова, како што објави нејзиниот Кабинет, укажа на сложените македонски компромиси кои треба соодветно да бидат ценети од Европската Унија и подвлече дека приемот во ЕУ ќе биде бенефитен и за самата Унија, и за земјите кандидати кои дополнително ќе ја зацврстат.

Таа оцени дека Шпанија е значаен партнер на државата во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до Владата на Санчез и Шпанија за континуираната поддршка на македонските стремежи за членство во Европската Унија.

Потврдувајќи ја преданоста на државата кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да претставуваат бариера во процесот на пристапување.

Имајќи ги во предвид динамичните геополитички процеси во светот, таа истакна потреба од зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување и потенцираше дека регионот кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.

„Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси“, се наведува во соопштението.

Двајцата соговорници дискутирале за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.

дма/Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова .

Извор: МИА