Македонскиот возач на камион, кој беше притворен по сообраќајната незгода која се случи вчера на стариот пат Солун-Верија, близу Халкидона, а во која животот го загубија две лица, е пуштен на слобода, пренесе дописникот на МИА од Атина.
Товарното возило, управувано од 34-годишен македонски државјанин, вчера, кратко по 16 часот, се удрило со патничко возило во кое патувало четиричлено семејство. Во несреќата, трагично ги загубија животите 44-годишен маж и неговиот 13-годишен син, додека неговата сопруга и другиот син, на возраст од девет години, се здобиле со полесни повреди.
По инцидентот, за спасување на патниците интервенираше противпожарната бригада со девет пожарникари и три возила, како и екипи на итната медицинска помош од Солун со две возила, седум спасувачи и еден лекар.
Според информациите на МИА од Грција, возачот на камионот, по приведувањето, бил изведен пред јавен обвинител и со усна наредба на обвинителот бил ослободен.