Од денес до 30 јуни, Охрид е домаќин на 7-та Балканска олимпијада по физика, наменета за ученици од средните училишта.
На оваа манифестација учествуваат повеќе од 60 ученици, придружувани од нивните професори-лидери, кои доаѓаат од 14 европски и 3 азиски земји.
На свеченото отворање на 7-та Балканска олимпијада по физика за средношколци, обраќање имаше министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Во својот говор, таа истакна дека присуството на овие млади олимпијци во Охрид е резултат на нивната желба за знаење и наклонетост кон науката, како и на големиот труд, како нивен, така и на нивните професори и ментори. “Тоа е формулата за градење научен подмладок што веќе утре ќе биде подготвен за откритија што ќе му помогнат на човештвото.”
Јаневска ги охрабри учесниците да ја продолжат својата посветеност кон физиката, нагласувајќи дека “нема напредок без наука”.
Таа исто така нагласи дека Министерството за образование и наука, почнувајќи од оваа година, ја зголеми поддршката за талентираните ученици кои учествуваат на меѓународни натпревари. Во согласност со новиот Закон за средно образование, Министерството ги покрива трошоците за котизација и пат за учество на една од 15-те меѓународни научни олимпијади. “Иднината зависи од тоа колку сега вложуваме во откривање и негување на потенцијалот на најталентираните.”
“И не само за учениците, финансиска поддршка за прв пат е обезбедена и за акредитираните здруженија на наставници кои организираат меѓународни олимпијади за средношколци во Македонија,” додаде министерката Јаневска.
Организатор на натпреварот е Друштвото на физичарите на Македонија, под покровителство на Балканскиот сојуз на физика, со поддршка од Европското физичко друштво, Природно-математичкиот факултет во Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дел од финансиските средства за реализација на олимпијадата се обезбедени од Министерството за образование и наука.
Фото: Министерство за образование и наука.