“Треба првин да ги видиме понудите, да ги добиеме условите, да испроектираме, па потоа да зборуваме дали е исплатливо или не”, изјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска како одговор на прашање од пратеникот Елми Азири на денешната парламентарна седница во врска со сумата од 1,9 милијарди евра за изградба на брзата железничка линија од Табановце до Гевгелија.
Азири, кој е дел од коалицијата Европски фронт, од собраниската говорница истакна дека постојат стручни тврдења кои укажуваат дека овој проект ќе чини двојно повеќе и дека нема економска оправданост.
Според Азири, инвестицијата која ќе биде дел од меморандумот со Обединетото Кралство нема да биде доволна, имајќи предвид дека, како што рече, се очекуваат приходи од 120 милиони евра.
Министерката за финансии Димитриеска Кочоска напомена дека проектите за кои пратеникот поставува прашања се во надлежност на Министерството за транспорт и врски, но посочи дека опцијата за реновирање на постоечката железничка пруга би го запрела транспортот во период од пет години, а компаниите кои ја користат ќе бидат принудени да бараат други и поскапи алтернативи.
“Во континуитет зборувате за износот за кој вие велите дека ќе биде поголем од две милијарди евра, наместо да посочите кои се тие критични точки”, рече министерката. Таа додаде дека Министерството за финансии се договори и направи да биде проектно финансирана. “Нашата обврска е да ги приспособува годините на финансирање, отплатата, грејс периодот, од повлекување на средствата, кога ќе се создаваат првите приходи и колкав период е потребен за да се отплати”, објасни Димитриеска Кочоска.
Во одговорот на пратеничкото прашање, таа истакна дека поради тие причини се испратени барања за понуди до 24 институции кои пројавиле голем интерес и, како што потенцираше, можно е да се продолжи крајниот рок за доставување на понудите. “Никој нема да влезе во таква авантура ако има опасност од ризици кога станува збор за проектно финансирање”, додаде таа.
Димитриеска Кочоска негираше дека претходно презентирала податок за потенцијалниот профит од 120 милиони евра кои ЈП „Железници“ би ги остварувало со транспорт и употреба на новата пруга.
Во процесот на разгледување на проектната документација, 24 субјекти имаат покажано интерес за финансирање на проектот за изградба на брза железничка пруга долж Коридорот 10. Од нив, 22 банки добиле официјално барање за доставување понуда. Дополнително, уште две банки – НЛБ Словенија и една банка од Дубаи – покажале интерес.