Во Скопје беше одржан првиот ЕУ-МК Саем за одржлив локален развој и поврзување, организиран од Програмата „ЕУ за општините“, финансирана од Европската Унија. Овој саем ги собра општините од државава и нивните соработници од земјите-членки на Европската Унија со цел размена на добри примери, презентација на иновативни решенија и поттикнување на нови соработки за одржлив развој на локално ниво.
Свеченото отворање на настанот го извршија министерот за локална самоуправа, Златко Перински и програмскиот менаџер во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Енцо Дамиани. Во своите обраќања, тие испратија силна порака за важноста на локалната самоуправа во процесот на приближување кон Европската Унија.
Министерот Перински истакна дека партнерството меѓу Владата, општините и Европската делегација е од огромно значење за успешната интеграција на државава во Европската Унија, додавајќи дека интеграцијата во ЕУ не е само политичка цел, туку и процес на длабоки реформи кои го подобруваат животот на граѓаните. „Преку формирањето на Ресурсен центар дополнително ќе биде дадена поддршка за развој на локалните самоуправи. Фокусот е ставен на три компоненти, на поддршка за проектен менаџмент, зајакнување на административните капацитети на општините и забрзување на дигиталната трансформација. Особено е значајна соработката во рамки на програмите финансирани од ЕУ, како што е ‘ЕУ за општините’, кои овозможуваат иновативни решенија за подобрување на локалните услуги и поттикнување на локален економски развој“, рече Перински во својот говор.
Програмскиот менаџер Дамиани потенцираше дека ЕУ интеграцијата започнува токму на локално ниво. Тој подвлече дека Програмата „ЕУ за општините“ обезбедила поддршка за речиси сите 81 општина во земјата, со конкретни резултати во многу области, меѓу кои и урбана мобилност, дигитализација, енергетска ефикасност и управување со отпад. „Со поддршка од ‘ЕУ за општините’ се воспостави и Организација за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион, која веќе остварува регионална и прекугранична соработка со општини од Грција и Германија. Дополнително, функционира и специјализирана служба за поддршка (Helpdesk) која досега одговорила на речиси 1,000 различни барања од општините. Сакам да ја изразам искрената благодарност до сите општини, институции и партнери кои покажаа дека европските вредности се веќе присутни и на локално ниво во земјата“, посочи Дамиани.
Саемот ги собра претставниците на локалната самоуправа, министерства, делегации од Германија и Грција, како и граѓански организации и експерти. На осум изложбени штандови беа презентирани решенија ко-финансирани од ЕУ, како и добри практики за менаџмент на дестинации, одржлива мобилност и поддршка за општините. Настанот послужи и како платформа за нови партнерства, билатерални средби и размена на искуства меѓу домашни и меѓународни чинители.
вј/Фото: „ЕУ за општините“ .
Извор: МИА