Усвојувањето на законите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија се пресудни за идните чекори во прогресот на Македонија кон декарбонизација и предизвиците кои произлегуваат од тој процес, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска.
“Ние сме во последните чекори од донесување на Законот за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори. Што значи дека кога ќе ги донесеме овие два закони, до септември очекувам, ќе имаме јасен план и што понатаму.”
Меѓутоа, како што дополни таа, подзаконските акти детално се подготвуваат, и ќе бидат потребни од 9 до 12-15 месеци за да се комплетираат сите, бидејќи се однесуваат на целиот енергетски сектор. “Така што, работиме на тоа, не е нешто што може да го планираме за недела-две,” изјави таа по отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25 денеска во Скопје.
Божиновска исто така посочи дека во моментов се работи на планот за три проценти од јавните институции да станат енергетски ефикасни, што е составен дел од реформската агенда. “Во моментов го изработуваме планот, мора три проценти од јавните институции да ги направиме енергетски ефикасни. Мислам дека до септември – октомври ќе го имаме тој план и ќе знаеме кои ќе влезат во тие три проценти”, рече таа.
Во однос на порастот на цената на нафтата, имајќи ги предвид геополитичките случувања, министерката потенцираше дека ситуацијата будно се следи. “Сите војни и геополитички настани имаат влијание. Ќе ја следиме состојбата, но се надевам дека нема да има поголеми промени во цените”, рече таа.
Во поглед на енергетските задруги, министерката извести дека истите ќе бидат регулирани според примерот на Германија и Франција, а тоа, како што рече, ќе биде уредено со подзаконските акти на кои се работи. “Се надевам дека до септември ќе има јасно дефинирано кој што може и кои ќе бидат условите”, рече таа.
Во врска со подготвеноста на Македонија за CBAM регулативата, министерката изјави дека веќе се работи на тоа. “Поголемите македонски компании веќе имаат луѓе кои работат на тоа, бидејќи за тоа некој треба да ги пресметува бројките. Соработуваме со нашата царина, таму имаат некој што ова го изработува. Работиме на спојување на пазарите и ако ова се случи, тие што ќе бидат произведени и затоа воведовме гаранција за потекло, тие што ќе произведуваат во процесот ќе има производство од зелена и обновлива енергија нема да спаѓа во таа такса”, рече таа.
Министерката најави повеќе информации по министерскиот состанок во јули во Грција, но истакна дека не е потврдено дали ќе започне од 1.1.2026 година.
ар/вј/Фото:МИА
Извор: МИА