Почетна ЕкономијаСтипендии за странски студенти за 2025/2026 година

Стипендии за странски студенти за 2025/2026 година

од nenad
1 минути читај за

Министерството за образование и наука распиша Оглас за давање на 50 студентски стипендии за странски државјани кои се од значење за Република Северна Македонија, за академската 2025/2026 година.

Овие стипендии се доделуваат на странски државјани со македонско потекло кои престојуваат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција.

Според соопштението од МОН, стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус, за онолку семестри колку што е предвидено во статутите на државните универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „Мајка Тереза“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово.

“На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување на дозвола за привремен престој на странец заради студирање.”

Министерството за образование и наука одлучува во кој студентски дом ќе биде сместен кандидатот кој добил стипендија.

Во објавениот конкурс се наведува дека “Стипендијата не вклучува дополнителен период за подготвителна настава за македонски јазик”.

Кандидатите можат да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во споменатите држави, за да добијат подетални информации за условите и потребните документи за конкурирање.

Апликациите и потребните документи треба да се достават до ДКП-та во државата во која кандидатот живее, најдоцна до 31 август 2025 година.

Критериумите и начинот на аплицирање, како и документите кои кандидатите треба да ги приложат со апликацијата, се наведени во објавениот конкурс.

“Избраните кандидати кои нема да пристигнат во Република Северна Македонија подоцна од 10 дена од објавувањето на конечната листа на добитниците, ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија”, се вели во објавениот конкурс.