


Од објавувањето на првиот ESG-водич за известување од страна на Македонската берза во 2022 година, изработен со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), започна видлив напредок во областа на ESG-сообразноста кај компаниите во земјава и регионот. Сепак, како што беше нагласено од страна на говорниците на Конференцијата, процесот на имплементација сè уште е неконзистентен и нецелосен. Учесниците упатија јасен повик за појаснување на регулативната рамка, воспоставување посилни стимулации и обезбедување техничка и институционална поддршка за градење капацитети, со цел да се овозможи поширока, посистемска и поефикасна примена на ESG-стратегиите во сите сектори на економијата. Особено беше потенцирана важноста од усогласување на националните регулативи со стандардите на ЕУ за одржливост, имајќи предвид дека ЕУ е најголем трговски партнер на регионот.
Во рамките на втората панел-сесија насловена „ESG во рамки на ЕУ-регулативата: клучни импликации за компаниите од Западен Балкан“, говореше координаторот на ESG-одборот на „Алкалоид“ АД Скопје, Димитар Ристовски, кој изјави:
„За ’Алкалоид’ ESG-стандардите не претставуваат само формална обврска – тие се суштински дел од нашето секојдневно работење и стратешки двигател за управување со ризици, поттикнување иновации, обезбедување долгорочна конкурентност, градење доверба кај инвеститорите и пристап до одржливо финансирање. Денес вистинското лидерство не се мери само преку финансиските резултати, туку и преку влијанието што компанијата го има врз луѓето и животната средина.“
„Алкалоид“ досега има објавено три ESG-извештаи, а минатата година компанијата го доби признанието „Добри ESG-практики за 2024 година“ од страна на Македонската берза и Американската стопанска комора за својот најнов консолидаран извештај, изработен на ниво на целата групација.