Во раните утрински часови се случи дефект и кус прекин на 110 киловолтната преносна мрежа.
Причина за овој застој се високите напони на 400 киловолтната мрежа во целата област, што влијаеше на нашиот систем и го предизвика кусиот испад на енергетските трансформатори 400/110 киловолти во трансформаторските станици, известуваат од АД МЕПСО.
“Станува збор за регионален и европски проблем со кои се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината.”
Од настанувањето на испадот, екипите на АД МЕПСО брзо реагираа и за околу еден час по прекинот, нормализирано е снабдувањето со електрична енергија во државата, соопшти АД МЕПСО.
Оттаму информираат дека нивните тимови продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.
“Дополнително, вреди да се истакне дека систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен и неадекватно одржуван.”
АД МЕПСО и понатаму внимателно ја следи состојбата и се врши координација со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и сигурност на корисниците со напојување со електрична енергија, посочуваат од АД МЕПСО.
Ноќеска поголемиот дел од државата накратко остана без електрична енергија.