Почетна ЕкономијаИзмени и дополнувања на законите за образование поминаа комисиски филтер

Измени и дополнувања на законите за образование поминаа комисиски филтер

од nenad
4 минути читај за

Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска ги одобрија предложените измени и дополнувања на законите за основното, средното и високото образование, дозволувајќи нивно понатамошно разгледување.

Пратеничката Катерина Димитровска од ВМРО-ДПМНЕ, објаснувајќи го Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, истакна дека со донесувањето на овие измени директно ќе се поттикне прогресот на младите таленти и ќе се воспостави системска поддршка за оние кои инвестираат во знаења, наставниците и нивните асоцијации.

Како што додаде, иако веќе постои законска регулатива за наградување на ученици, ментори и професори за освоени меѓународни признанија на конкурси од областа на математиката, информатиката и природните науки, до сега не беше предвидена можност за асистенција на самите организатори на вакви еминентни случувања во државата.

“-Оваа законска празнина ја ограничуваше иницијативноста и капацитетот на наставничките здруженија, кои до сега со сопствени ресурси и ангажман, се обидуваа да го донесат натпреварувачкиот дух во македонското образование.”

Со измени на законот се предвидува Министерството за образование и наука да може да издвојува финансиски средства до 10 проценти од висината на трошоците за организација на меѓународниот натпревар, но не повеќе од износот од 10,000 илјади евра во денарска противвредност, по поднесување на барање до Министерството, рече Димитровска.

Таа потенцираше дека со овие измени и дополнувања на законот, нема додатни финансиски трошоци, односно средствата ќе се разгледуваат во рамките на веќе одобрениот буџет на Министерството за образование и наука.

Димитровска истакна дека со овој закон се креира механизам кој им овозможува на наставниците и нивните акредитирани здруженија да организираат манифестации кои ја афирмираат Македонија како држава која вложува во знаење и наука.

Пратеничката Даниела Николова од СДСМ изрази загриженост за, како што рече, континуираното менување на законите од областа на образованието.

“-Законите за основно и средно образование од декември 2024 година до сега се менуваа неколку пати. Да бидам попрецизна, ова е трета промена која што ја претрпува законот за основно образование, а четврти пат дискутираме за Законот за средно образование. Ова само покажува колку несериозен пристап имате кон образованието. Законите во Собранието во овој период се носат на нетранспарентен начин. Не сакате да ја вклучите стручната фела, не сакате да ја вклучите јавноста ниту засегнатите страни, и нормално е дека ќе се прават пропусти”, рече Николова.

Таа укажа дека овие измени и дополнувања не се премногу есенцијални, иако има аспекти на кои треба да се посвети внимание.

“-Кога зборуваме за Законот за основно образование, се регулира поддршка за финансирање на меѓународни натпревари, но поддршка ќе биде само за математика, информатика и природните науки. Постои деградација на хуманистички и уметнички дисциплини, имаме дискриминаторски однос. Тоа значи дека наставници и ученици кои посветено работат на хуманистички работи и уметничките предмети се оставени надвор од системот на стимулација и поддршка и сметам дека еден таков однос е недозволен”, додаде Николова.

Во својата реплика, пратеничката Димитровска рече дека ќе се коригира сè она што е пропуштено и не е изменето до сега. “-Ние сме тука да работиме и ќе менуваме се што е испуштено и не е сменето. Мислам дека треба некогаш да се поздрави некоја активност, не само да се критикува”, рече Димитровска.

Пратеничката Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овие измени на законот ќе значат мотив за учениците и наставниците да бидат достоинствено претставени на меѓународно рамниште.

“-На нас ни е работа да ги менуваме законите доколку забележиме во некој амандман или дел од закон, каде има проблем за имплементација. Ова што правиме значи стимул за учениците, за наставниците и здруженијата, стимул за тоа Македонија да оди напред на меѓународно ниво, да бидеме достојно претставени. Ова треба да се гледа од позитивен агол”, рече Стаменковска Трајковска.

Потпретседателката на Комисијата Емилија Ангелова имаше свое образложение во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Таа рече дека со овој Предлог закон се регулираат прашањата кои не се опфатени со постојниот Закон за средно образование, а се однесуваат на статусот и постапките за вработување на воспитувачите во средните училишта во чиј состав има ученички дом, како и на административците.

Како што рече, во предложените измени се овозможува регулирање на неопходните услови за работа, полагање стручни испити, стекнување уверение, трансформација на работниот однос од определено во неопределено време. Промените се насочени кон надминување на постоечките правни празнини и обезбедување правна сигурност и инситуционална функционалност, без дополнителни финансиски и фискални импликации врз буџетот на државата и не повлекува материјални обврски за одделни субјекти.

Исто така, како што додаде, се уредува и постапката за трансформацијата на работниот однос на воспитувач од определено во неопределено време.

Пратеничката Силвана Ангелевска во своето излагање во врска со Предлогот на закон за изменување на Законот за високото образование, објасни дека се менува еден член, тоа е член 42, став 3, кој се однесува на мандатот на членовите на Националниот совет кој што во моментов е четири години, без право на реизбор. Со новите измени, се предлага мандатот на членовите на Советот да е четири години со право на уште еден последователен избор.