Почетна Убавина и здравје„Музиката е дел од мојата личност – не ја живеам паралелно со некој друг живот“ – Убавина и здравје

„Музиката е дел од мојата личност – не ја живеам паралелно со некој друг живот“ – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

„Ех Вера, се родиме со песните на Васка Илиева, ќе умрејме со твојте!“ – реченица која за навек ќе ми остане врежана

Јавноста најмногу ја препознава како вокалистка на етно-групата „Љубојна“, но таа е и професорка по традиционално пеење и музиколог, а неодамна ја промовира и својата прва книга „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст- Оживување на една заборавена музика”. Музиката е заедничката нишка на сите овие активности, но каде Вера Милошевска – Јосифовска се пронаоѓа најмногу? Што ја води напред и како успева да балансира помеѓу професионалниот и приватниот живот? Дознајте од нашиот инспиративен разговор!

Постојано сте многу активна! На што сте фокусирана периодов?

Мојата дејност е сеопфатна бидејќи мојата љубопитност за она што со љубов го работам од првиот момент, е огромна. Тоа ми ја овозможува привилегијата да се занимавам со повеќе спектри на оваа дејност и сите да ги спојувам во таа една нишка. Секое мое истражување е апликативно и како пишан збор и на сцена, но и како знаење кое несебично им го пренесувам на моите ученици. Во моментов собирам сили и ги регрутирам мислите за моето следно поле на истражување и настојувам мојот пејачки израз да оди уште подлабоко.

„Љубојна“ постои повеќе од 20 години. Се сеќавате ли на вашите почетоци?

Моите почетоци се моите први средби со македонската традиционална музика, а тоа е многу пред „Љубојна“. Времиња кога првпат како интерпретатор се најдов пред море музички задачи кои чекаа на мене да ги разоткријам. Дури, ова никој не го знае, во раните фази на мојот музички развој, од потребата да ја разберам и недоволното искуство, јас бев толку убедена и посветена на „светоста“ на традиционалната форма на музиката што имав отпор кон новото. Од една страна, имаш задача да пронајдеш нов музички израз, без притоа да го нарушиш внатрешниот живот на еден веќе постоечки, особено што ти го отвораш тој пат, немаш претходници зад тебе, ти си показателот. Бескрајно се преиспитуваш, но тој обид потоа те преобликува, те воведува во нова материја, нови прашања и нови теми, стануваш вистински пејач. Затоа и мојата приказна во „Љубојна“ е толку колоритна.

И вашиот сопруг Оливер Јосифовски е дел од „Љубојна“. Како успевате да ги разграничите професионалниот и приватниот живот?

 

Музиката е дел од мојата личност, дел од моето секојдневие. Не ја живеам паралелно со некој друг живот. Така се растени и моите деца, целото мое секојдневие е испреплетено со и околу музиката. Не мислам дека професионалниот и приватниот живот се разграничуваат, посоодветно би било дека се балансираат или се надополнуваат и дека изискуваат многу љубов и разбирање. Па така, ако ја разбереме хармонијата како созвучје, а не како „испеглано“ секојдневие, животот е токму таков, исполнет со сите атрибути на полнотата на живеењето.

Музиката ве има одведено на многу прекрасни места во светот. Кој настап ви има оставено најголем впечаток?

Сите патувања ми се значајни и посебни, соработките и случките се многу и емотивни и испреплетени со хумор. Имало и многу особени изјави и коментари. Во една пригода, еден драг повозрасен обожавател ми рече: „Ех Вера, се родиме со песните на Васка Илиева, ќе умрејме со твојте!“, реченица која за навек ќе ми остане врежана.


Поврзани објави

Каква трага се надевате дека ќе оставите преку вашата музика и работа?

Среќна сум што трагата е веќе впишана. Мојот пример повлече огромен број нови артисти и млади луѓе, будејќи кај нив интерес за нови начини на гледање на македонската музика и желбата за нова интерпретација. Но многу е значајно темелно да се истражува, затоа што преку музика се поврзуваме со другите култури во светот. Тукашниот автохтон музички јазик е дел од светските музички јазици и најмоќно е кога артистот комуницира со нив преку свој израз и свој личен печат, а како ќе се одрази тоа, оставам на новите временски текови да покажат. Освен тоа, јас имам и свои ученици и љубопитна сум за тоа како ќе звучи моето наследство во иднина.

Постојат ли „денови за пауза“ во вашиот живот?

Поверојатно е дека тоа се часови за пауза, ха-ха. Инаку моето време, слободно или не, најмногу им го посветувам на моите две деца. Како што растат, сè повеќе уживам во нивно друштво и што е најинтересно, преку нивните личности откривам безброј свои нови хоризонти. Секако, омилен дел од моето време за кој најчесто мечтаам, но се трудам да го исполнам, се и прошетките во природа, пливањето и откривањето нови луѓе и места во светот.

Како ја негувате вашата надворешна и внатрешна убавина?

Нема шминка што може да покрие нечија „празнотија“ и покрај тоа што денес убавината се банализира и искривоколчува. Внатрешното битие на жената ја истакнува нејзината убавина кога е среќно самото со себе и кога љуби, кога создава можности во околностите во кои што живее и ги користи своите капацитети да ги менува истите тие. За сè друго формулата е јасна: сон, вода, здрава исхрана, физичка активност и минимална но ефективна козметика.

Што ве прави најсреќна моментално, а што би ве направило уште посреќна во иднина?

Задоволна сум од јадрото што сум го создала околу себе, со сите убавини и горчини, со сите успеси и промашувања, со сè што звучи кога ќе се завртам зад мене и сè што допрва треба да прозвучи и да се испише, бидејќи посакувам нови лични достигнувања во научниот и творечкиот живот – тоа е мојата мисија. Сепак, најсреќна би била кога моите деца би го оствариле истото за себе, би ги искористиле сета своја сила, убавина и енергија градејќи ги своите лични јадра.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА