„Соочени сме со трговска војна, што започна од Соединетите Американски Држави, а резултатите сè уште, до денес, се непредвидливи. Но, сите трговски војни на крајот имаат само губитници и ниеден победник“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на неговата средба со претседателот на Грција, Константинос Тасулас, пренесе дописникот на МИА од Атина.
Средбата помеѓу Мицотакис и Тасулас се одржа во Претседателската палата и претставуваше нивна прва официјална средба по стапувањето на должност на новиот грчки претседател минатиот месец.
Премиерот на Грција истакна дека нивната прва средба се случува во време на значајни геополитички и финансиски немири. „Се надевам дека, барем што се однесува до односите меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ќе можеме да ги искористиме следните три месеци да преговараме за трговски договор на европско ниво, што ќе биде заемно корисен, бидејќи трговијата меѓу Европската унија и САД е толку голема и толку разновидна што секое нејзино нарушување сигурно ќе има негативни влијанија и врз американската и европската економија“, подвлече Мицотакис.
Претседателот на Грција, од своја страна, потенцираше дека актуелната ситуација бара не само подготвеност, туку и „неверојатно брза приспособливост на околностите“. Тој додаде: „Во гео-економијата, имаме обид за враќање на протекционизмот, враќајќи нè можеби повеќе од сто години назад. И како што многу точно кажавте, во ова некои ќе загубат и ќе загубат многу и од двете страни на Атлантикот. Знам дека комесарот за трговија на Европската унија во моментов е во Америка. Европската унија, со обединет глас, во кој учествуваме и се залагаме за тоа, треба да го реши прашањето без непријатности, без тензии, без непријателство, не постои непријателство, но да се објасни токму тоа што го кажавте, дека и двете страни само може да изгубат“.
Во текот на состанокот, Мицотакис се осврна и на грчката економија, велејќи дека е постигната стабилност и фискална рамнотежа, што претставува „темелот на кој се градат сите економски политики“. Тој напомена дека треба да бидат исклучително внимателни и конзистентни, бидејќи никој не може со сигурност да ги предвиди последиците од глобалната економска криза.
„И покрај тоа, да знаете дека останувам оптимист. Индикациите за динамиката на грчката економија се сите позитивни. Имаме многу позитивни податоци за извозот во првите два месеци, што потврдува дека екстровертноста на грчката економија сега е реалност која мора дополнително да ја зајакнеме. Невработеноста продолжува да се намалува, а туризмот се чини дека започна со многу охрабрувачки“, заклучи Мицотакис.