Почетна ЕкономијаБежоска и Шиаочин Ју: Граѓаните и компаниите ќе имаат најголема придобивка од членството во СЕПА

Бежоска и Шиаочин Ју: Граѓаните и компаниите ќе имаат најголема придобивка од членството во СЕПА

од nenad
2 минути читај за

Светската банка искажа задоволство од пристапувањето на државата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) и од напорите што ги вложи Народната банка за остварување на оваа цел. Членството ќе донесе бројни предности за севкупната економија, а најголема корист ќе имаат граѓаните и компаниите.

За дополнителни бенефити, од клучно значење е државата да се вклучи и во регионалниот проект за инстант плаќања предводен од Централната банка на Италија, кој е составен дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија.

Ова беше потенцирано на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, директорката за Западен Балкан на Светската банка, Шиаочин Ју и директорот за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, на која присуствуваа и вицегувернерката Емилија Нацевска, генералната директорка за супервизија, Викторија Глигорова и секторската директорка за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан.

На состанокот беше подвлечена посветеноста на Народната банка и засегнатите институции во земјата, кои со поддршка на експертите од Светската банка интензивно работеа на забрзување на процесот на интеграција на државата во платежната инфраструктура на Европската Унија, преку приклучување кон СЕПА.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на средбата, изрази благодарност за континуираната поддршка што Светската банка ја даваше во текот на целиот процес, со што ефективно се усогласија националните со регулативите и практиките на ЕУ и СЕПА, при што нашата земја стана 39-та членка на СЕПА. Таа нагласи: „Светската банка ѝ е значајна партнерка на Народната банка, којашто дава техничка помош преку повеќе проекти за дополнително јакнење на капацитетите на земјава и на централната банка и за одржување на макроекономската стабилност.“

Како што информираа од Народната банка, на состанокот се дискутираше и за понатамошна модернизација на платните системи и дополнителни придобивки за граѓаните, особено преку приклучување кон проектот што го спроведува Централната банка на Италија, а е наменет за сите земји од Западен Балкан. Се работи за воспоставување систем за инстант плаќања како клон на системот ТИПС со кој управува Европската централна банка (ЕЦБ). Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ.

Светската банка ѝ даде поддршка на Народната банка во подготовката на тригодишниот план за зелени финансии, изработката на макропрудентната стратегија и зајакнувањето на рамката за системски ризици, како и за изработката на подзаконската регулатива за решавање банки.