Литванското јавно обвинителство денес ја обвини Главната управа за разузнавање (ГРУ) на руската армија за организирање на палењето на продавницата на Икеа во Вилнус во мај минатата година, посочувајќи дека шведскиот трговски ланец можеби бил цел бидејќи неговото лого ги има идентичните нијанси како украинското знаме.
Истрагата откри дека пожарот во дуќанот на Икеа бил поврзан со руската воена служба за информации, преку мрежа од повеќе од 20 соработници, изјави Артурас Урбелис од Државното обвинителство на Литванија. “Синџирот вклучува организатори, потоа уште повеќе организатори за конкретни цели, потоа повеќе посредници, сè до сторителот. Тоа е систем на повеќе нивоа, многу сложен”, им рече Урбелис на новинарите.
Тој додаде дека продавницата Икеа не е одбрана случајно, напоменувајќи дека компанијата ја прекинала работата во Русија по инвазијата на Украина и дека боите на Икеа се „исти како и украинското знаме“, што според него има „силно симболично значење“.
Урбелис рече дека пожарот, кој бил предизвикан од временски детонатор во раните утрински часови на 9 мај, бил веднаш ставен под контрола. Тој надополни дека на двајца украински државјани, еден на возраст под 20 години и еден на возраст под 18 години во времето на палењето, за нивните активности им биле понудени 10.000 евра и употребувано возило БМВ. „Тие направиле бројни патувања во Вилнус од Полска за да го извидат теренот и да се подготват“.
Според Урбелис, еден од нив последователно бил уапсен во Литванија, а другиот во Полска, и на двајцата ќе им се суди во тие земји.
Пожар избувна во продавница на ИКЕА во главниот град на Литванија три дена пред пожарот во трговски центар во соседна Полска, за кој тамошните власти соопштија дека се сомневаат дека може да биде дел од растечка руска саботажа.