По четиринеделно отсуство, Меланија Трамп во саботата се врати во Белата куќа за да присуствува на годишната вечера и прием со гувернерите, но нејзиното присуство во Вашингтон станува се поретко и се чини дека првата дама нема намера значително да учествува во вториот мандат на нејзиниот сопруг Доналд Трамп.
Иако церемонијата беше организирана во луксузниот амбиент на „Источна соба“, впечатокот бил дека Меланија била таму повеќе за протокол отколку за вистински ангажман во претседателските должности. Самиот Трамп ги пофали нејзините напори во подготовката на настанот, но нејзината физичка оддалеченост од Белата куќа станува се позабележлива, пренесува „CNN“.
По инаугурацијата на 20 јануари таа беше присутна само првите неколку дена од новиот мандат. Откако патуваше со претседателот во Северна Каролина и Калифорнија на 24 јануари за да ги посети областите погодени од природни катастрофи, таа се врати дури минатиот викенд. Според претходните најави, таа планира поголемиот дел од времето да го помине меѓу Њујорк, каде што нејзиниот син Барон посетува коле и Флорида.
Иако извори блиски до Меланија тврдеа дека таа ќе биде присутна на важни настани како што е Гувернерскиот бал, изминатиот месец покажал дека таа се дистанцирала од Белата куќа уште повеќе од очекуваното.
Додека Трамп продолжува со интензивното дипломатско темпо, неговата сопруга отсуствуваше на бројни важни состаноци и церемонии. Таа не беше присутна во Белата куќа за време на пристигнувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и јорданскиот крал Абдула Втори, како и индискиот премиер Нарендра Моди.
Меланија Трамп, исто така, сè уште не започнала независно официјално патување, ниту во САД, ниту во странство. За споредба, во истиот период од нејзиниот прв мандат, таа веќе учествуваше на официјални состаноци и конференции, како што се средбите со Нетанјаху и јапонскиот премиер Шинзо Абе.
И покрај тоа што јавно се повлече од претседателските должности, извори блиски до Трамп тврдат дека Меланија сè уште има големо влијание врз нејзиниот сопруг во приватните разговори. Таа наводно му дава совети и ја игра улогата на „тивок, но присутен“ советник.
Фото: Инстаграм Принтскрин https://www.instagram.com/melaniatrump/