Table of Contents
Со Марија Кочевска поразговаравме за новитетите во „Студио 60“ и за сите придобивки на овој ефикасен тип пилатес
„Студио 60“ постои од 2023 година и важи за првото комплетно опремено студио за STOTT PILATES кај нас. Неговата сопственичка, Марија Кочевска, која е сертифицирана инструкторка за STOTT PILATES, ни откри дека изминативе две години имале помеѓу 200-250 клиенти/ки, од кои многумина сè уште редовно ги посетуваат овие пилатес-тренинзи, што докажува дека интересот за овој тип тренинг е значително зголемен.
„Дел од клиентите кои ротираат се од оние што сакаат да комбинираат и друг тип тренинзи, што не е воопшто погрешно. Имаме клиентки кои од првиот ден од отворањето на студиото се со нас и целосно се пронајдоа, но има и такви кои доаѓаат кампањски. Во изминатиот период кај нас се отворија многу студија налик на оргиналниот метод на Џозеф Пилатес, па ќе кажам дека луѓето веќе сериозно го препознаваат и применуваат реформерот како машина за вежбање. Сепак, тренинзите на реформер и тоа како се разликуваат според методот по кој се водат тренерите, па така STOTT PILATES како вистински лидер во светот на пилатес-тренинзите, има поразличен пристап кон своите едуцирани тренери, а со тоа, секако, и кон самите клиенти“, објаснува Марија.
Во продолжение дознајте што сè може да добиете во „Студио 60“, какви активности планираат за наредниот период и кои се придобивките од вежбањето STOTT PILATES.
Обично на почетокот од годината, повеќето луѓе донесуваат одлука дека повеќе ќе се грижат за себе, па почнуваат со вежбање. Какво е искуството со вашите клиенти?
Од моето 12-годишно искуство во светот на вежбањето ќе кажам дека сега за разлика од пред 7-8 години, навиките за грижа за себе и за спортување значително се променети. Ако порано тоа претставуваше сезонско вежбање, сега имаме еден континуитет кој особено ме радува.
Пред извесно време девојките се спремаа за лето, обично 2-3 месеци пред јуни, а сега сведочиме полни часови на 30, 31 декември, па дури и во август кога повеќето се на одмор. Забележувам дека веќе го немаме она „чекање” вистински момент да се почне, туку едноставно се ужива во процесот. Секако, наплив на нови клиенти има во одредени периоди и најчесто тоа е по новогодишните празници, претпоставувам поради грижата на совест од сармите и кифличките кои ги изеле во меѓувреме.
Неодамна остваривте соработка со нутриционистот Антонио Велковски, па покрај вежбањето, сега и исхраната е во вашиот фокус. Што вклучува оваа нутриционистичка програма и како ги надополнува тренинзите пилатес?
Секоја година организираме настан Пилатес Пикник, на кој девојките носат домашно зготвени рецепти со здрави намирници и во заемна дружба ги дискутираме и споделуваме своите омилени рецепти, на кои Антонио секогаш е присутен и дава свое мислење во однос на намирниците и што е подобро како опција. Добивавме и безброј прашања од нашите вежбачки во врска со тоа како да се хранат и што да јадат за да имаат подобри резултати. Се покажа дека девојките навистина ги сакаат овие дружби и советите од Антонио, па така дојдовме до идеја тој, како стручно лице, да подготви 10-дневно мени за здрави и активни жени кои ќе добијат соодветна насока за постигнување оптимални резултати во комбинација со тренинзите. Првата програма за исхрана Pilates&Protein ја подготвувавме речиси 3 месеци, заедно со онлајн-платформата и веќе во првиот месец се покажа дека идејата е полн погодок.
Имате ли и други новости и активности што се во тек или ги планирате за претстојниот период?
Поврзани објави
Имаме многу идеи и активности. Се надевам дека ќе успееме сè да реализираме оваа година. Во моментов работиме на креирање на втората програма за исхрана со Антонио, како и на програмата со модули за исправен грб, која ја креираме заедно со нашата физиотерапевтка Ангела Анчевска. Станува збор за месечен план со корективни вежби кои имаат цел да им помогнат на клиентите со цервикални, торакални и лумбални потешкотии – во која ќе се пронајдат сите кои не се многу физички активни, па и оние кои претпочитаат друг тип на вежбање, а имаат дополнителна потреба од фокус на грбот, луѓе кои поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутер или во иста положба што им предизвикува спазми или посериозни ‘рбетни компликации. Воедно работиме и на комплетна дигитализација на студиото, во однос на закажување, плаќање, водење месечен план за вежбање и слично. Кон крајот на февруари, почеток на март, подготвуваме едно пријатно изненадување – кратко патување од едукативен карактер, за кое се надеваме дека ќе ги мотивира дополнително сите наши клиенти и следбеници.
За придобивките од вежбањето STOTT PILATES веќе имаме зборувано, но интересен податок е дека ваквите тренинзи значително го подобруваат женското здравје. Можеш ли да ни откриеш нешто повеќе за ова?
Ова е податок што повеќето жени кои вежбаат веќе го имаат почувствувано. Факт е дека вежбањето го зголемува либидото и секој вид тренинг придонесува за подобрување на самодовербата, затоа што се чувствуваме и изгледаме подобро, а со самото тоа позитивно влијае и врз психичкото здравје. Пилатес-тренингот користи метод кој во повеќето позиции за изведба на вежбите бара стабилизација на карлицата и целосно подредување со ребрата и ‘рбетниот столб, за што е апсолутно потребен комплетен ангажман и во пределот на пубичната зона, односно ангажман на сите внатрешни мускули, со што тие несвесно се зајакнуваат и витализираат. Одредени секвенци на вежби го зголемуваат опсегот на ротација на фемурот, односно горниот зглоб на ногата кој се прикачува на карлицата, користејќи ги малите карлични мускули, други пак бараат целосна активација на облигусите или страничните стомачни мускули со што при флексија на стомакот обезбедуваат стабилност во ‘рбетот, трети вклучуваат зголемен опсег и варијации на адукција на нозете, а стреповите во стапалата максимално ги вклучуваат карличните мускули при изведба на вежбите, ангажирајќи ги нозете. Јаката и активната пелвична зона може да придонесе за подобро чувство и поголема удобност во заедничките интимни моменти со партнерот.
Кој им е омилениот тип тренинг на вашите клиенти?
Тренинзите во група се многу позабавни и имаат посебна енергија која навистина се чувствува. Во индивидуалните тренинзи пристапот е малку посериозен и поразличен, каде што во суштина сме фокусирани на одредена цел заедно со клиентот. Сите наши тренинзи се разликуваат еден од друг, а реформерот нуди милион опции и варијации на изведување на вежбите, па ретко е да се повтори еден ист тренинг двапати. Во групите, нашите вежбачки веќе ги препознаваат и креациите на тренинзите на нашите инструкторки, а и ние сите сме различни па некако добиваат дополнителна можност за промена на стилот на тренинг, а сепак го вежбаат својот омилен метод. Многу ги сакаат трамполините, на кои изведуваме вежби во хоризонтални скокови, ги сакаат и дрвените барови и сите реквизити кои ги користиме. Во индивидуалните тренинзи, омилен им е кадилакот затоа што за изведба на дел од вежбите потребни се поголема сила и флексибилност, со што добиваат дополнителен предизвик.
Како би ги мотивирала оние што сакаат да пробаат STOTT PILATES но не се осмелиле досега? Може ли секој да се приклучи, без никакви ограничувања?
Секако дека може! Секој што е вистински почетник и не вежбал ништо друго претходно, може да започне во нашите групи за почетници, а потоа постепено да продолжи во групите за напредни вежбачи.
Би им препорачала да не се двоумат да пробаат, ова е метод кој ќе ги освои во секоја смисла на зборот. Само потребно е да дојдат на првиот тренинг, а потоа лесно ќе се навлечат.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА