Децата заслужуваат почит, разбирање и трпение, но притоа и возрасните имаат право да се чуваат себеси
Јеспер Јул (1948-2019) бил дански семеен терапевт, предавач, автор и педагог кој основал центри за поддршка во 15 земји ширум светот. Во последните две децении формулирал нов пристап во воспитувањето, развојот и социјализацијата на децата. Основната замисла му била да ги инспирира и поддржи родителите и професионалците за да можат децата да пораснат психички и социјално здрави. Тоа го правел така што нудел ефикасна и практична алтернатива за насилните и навредливи методи на воспитување, на кои децата честопати се изложени и денес.
„Однос наместо воспитување“, така гласи мислата-водилка на концептот на познатиот педагог.
Поврзани објави
Во својата книга „Пет темели на семејниот живот“, им дава едноставен, но неверојатно ефектен совет на сите родители.
„Предлог до сите родители: кратко пред 14-тиот роденден на синот или ќерката, намира размислете колку и во кои подрачја детето ви го збогатило животот и кажете му го тоа токму онака како што ви минувало низ глава додека сте размислувале за тоа.
Можеме да претпоставиме дека во таков момент нема човек што нема да се расплаче, бидејќи сите би сакале некој да разговарал така со нас. Родителите често велат дека ги сакаат своите деца, но потполно друга работа е кога ќе го изговорите тоа, конкретно и точно. Можеме само да си замислиме колку ќе му значи тоа на едно дете.
Можете да им го кажувате тоа секоја година за роденден. Сетете се дека со нив треба да разговарате еднакво сериозно како кога би разговарале со возрасен човек. Не треба да зборувате на приспособен, „детски“ јазик, туку со природен, нормален тон, онака како што се чувствувате.
Дури и на шестмесечно бебе може да му се зборува колку го променило и збогатило животот на своите родители. Детето ќе ги слушне тие значајни зборови и од почетокот ќе научи што значи личен јазик, дури и да не го разбира значењето на одредени зборови.
Истото важи и за односите меѓу партнерите. Ако по 10-годишна врска жената го праша партнерот дали сè уште ја сака, зад тоа прашање најчесто се крие несигурност околу тоа дали сè уште му е важна на партнерот.
Денес ретко кој останува во врска поради општествените конвенции или од егзистенцијална нужност. Со оглед на тоа што партнерството стана исклучиво емоционален избор, сакаме да го продолжиме само ако другата личност сè уште ни го збогатува животот и нè прави среќни. Затоа, уважувањето е толку важно“, истакнал познатиот дански педагог.
ФОТО: Juliane Liebermann / Unsplash