Разговор за убавината и негата со нашата најпозната водителка.
Што се однесува до гледачите, сите се согласуваат во едно – Лила е една од најсредените жени во државава, и тоа секогаш и секаде, а не само пред камерите. И буквално, од главата до петиците.
Ти здодеа ли веќе да објаснуваш зошто изгледаш така како што изгледаш во шестата деценија од животот?
Па, јас никогаш не сум била жена на мои години… се шегувам. Иако не разбирам каде пишува и постои ли некое правило како треба да изгледа жена на мои години?! Јас изгледам онака како што сакам и како што мислам дека треба да изгледам.
Секогаш тврдев и сѐ уште тврдам дека годините се само бројка, а духот и волјата за живот се она што се гледа на нашето лице. Лицето и очите никогаш не лажат. Духот е тој што ни ја одредува возраста, а не годините. Јас никогаш не дозволив да порасне детето во мене, а заедно со син ми ги проживувам уште еднаш тие години и, искрено, уживам во тоа.
И да се разбереме, тоа што изгледам помладо од годините што ги имам не значи дека сакам да останам вечно млада. Затоа што ниеден мудар човек не посакал да биде помлад. Си ги сакам годините, си го сакам животот, затоа што го живеам по мои правила!
Последниве години се чини дека човек сѐ потешко може да одреди нечија возраст според изгледот со оглед на тоа што голем број славни жени, генерално во светот, навистина изгледаат како да имаат барем една деценија помалку – Хајди Клум, Селма Хајек, Моника Белучи итн. Што мислиш, која е причината за ова, кога стана толку важно тоа да изгледаме вечно млади?
Тоа кој како изгледа е работа на избор. Што и да направила Шер со себе, изгледа како замрзната во времето. Џоан Колинс 30 и кусур години изгледа како да има 50. Џенифер Лопез никогаш не изгледала подобро. Од друга страна, пак, Брижит Бардо одлучи да старее достоинствено, без некакви корекции и изгледа како стуткан лист хартија, без трошка од вонземската убавина што ја поседуваше како млада. Џулија Робертс изјави дека е преморена од средување и никогаш повеќе нема да се шминка. Што значи не ги зафатило сите тоа лудило на вечна младост.
Но најмоќните во филмската, модната и музичката индустрија, кои ги диктираат трендовите, се виновници за тоа. Заради подобра заработувачка постојано форсираат нови трендови, нови лица и создаваат конфузија, а со појавата и влијанието на социјалните мрежи, каде што сѐ е многу подостапно, се случи хаос. Никогаш не сме биле толку многу оптоварени со убавината и со модата, како последниве неколку години. Едноставно, многу од нив живеат два живота – еден реален и еден на социјалните мрежи.
Дали понекогаш ти пречи тоа што самата себеси си зададе превисоки стандарди во поглед на изгледот, па сега веројатно не смее да ти се случи да излезеш од дома ако не си комплетно средена, за да не ја расипеш сликата што ја имаат луѓето за тебе?
Едно сакам да е јасно, и да не бев водителка, јас ќе бев една од оние жени што од дома не излегуваат несредени. Оние што долго ме познаваат ќе ви го потврдат тоа. Под средена не подразбирам професионална шминка и фризура со вештачки трепки и свечен фустан. Под средена подразбирам чиста коса, средени нокти, малку маскара и барем сјај за усни. Повеќе пари трошам на онаа бела козметика за нега на лицето отколку на шминка.
Поврзани објави
Затоа што ниедна шминка не може да покрие ненегувано лице. Наместо пари на скапи шминки, подобро е да ги дадете на некој убав третман на лице кај професионалци во салон. Би сакала да додадам дека моето лице го плати данокот на долгогодишните професионални телевизиски шминки со тоа што ми е дијагностицирана розацеа. Но со соодветен третман, тоа е под контрола. Така што моето средување пред да излезам од дома е ритуал и вистинско уживање, а не малтретирање. И не залудно кога бог го создал мажот рекол дека направил ремек-дело, а кога ја направил жената рекол: „Ова ќе мора да се шминка“.
Дали си задоволна со својот изглед, има ли нешто што би го менувала или би сакала да е поинаку?
Во тинејџерските години сакав да сум некој сантиметар повисока, и тоа беше единственото нешто што не ми се допаѓаше, ама тоа го компензирав со штикли. Гравитацијата е немилосрдна и затоа бараме начини да ѝ се спротивставиме иако тоа е невозможно. Отсекогаш сум велела дека ако постои нешто што те прави несреќен и незадоволен а може да се поправи – поправи го. На крајот од денот најбитно е како се чувствуваш ти и што те прави среќен.
Како изгледа еден твој обичен ден – кога стануваш, дали појадуваш, колку често одиш на вежбање?
Многу се радувам што деновите не ми личат еден на друг и што во текот на денот може да го изменам планот. Она непишано правило дека добриот сон е најбитен јас го сфатив буквално, па сакам да си поспијам ако немам обврски. Првото нешто е кафето што го пијам во комплетна тишина и сама во друштво на мојот омилен Инстаграм. Иако ги имам сите апарати за цедени сокови и смудија, не сум од оние што редовно го прават тоа.
По кафето не ми се јаде, така што најбитниот оброк, појадокот, обично го прескокнувам, што ми е многу криво, ама тоа е вистината. Одамна ги избегнувам метежите од вечерните излегувања, па почесто сум дома, а ако веќе решам да излезам, изборот е некој ресторан без метежи и гласна музика.
Текст: Убавина и здравје
Фото: Инстаграм (@lilafilipovska, @rolladobolla)