САД ги повикаа своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија поради војната во Украина и ризикот од, како што велат, произволни апсења или малтретирање од страна на руските агенции за спроведување на законот.
Американската амбасада во Москва соопшти дека американските државјани кои престојуваат или патуваат во Русија треба веднаш да ја напуштат земјата поради ризикот од незаконско притворање.
Амбасадата соопшти дека руските безбедносни служби апсат американски државјани под лажни обвиненија и им негираат фер и транспарентен третман, како и ги осудуваат во тајни судски процеси, вклучително и американски државјани вклучени во верски активности.
„Американските граѓани кои живеат или патуваат во Русија треба веднаш да ја напуштат земјата. Бидете особено внимателни поради ризикот од притвор. Не патувајте во Русија“.
САД постојано ги предупредуваа своите граѓани да ја напуштат Русија.
Последното вакво јавно предупредување беше во септември, откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација.