Дали сме подготвени да бидеме креаторки на сопствениот живот, без оглед на околностите, очекувањата, трендовите…
Колку често ве прашуваат кога ќе се омажите, кога ќе имате деца или кога ќе родите второ дете, или можеби кога ќе го фатите последниот воз? Постои цела една листа на прашања кои луѓето се осмелуваат да ги постават само затоа што тие сметаат дека треба влијаат на вас да „го земете животот во сопствените раце“ или само ште сте женско.
Со ваквите прашања се поддржуваат стереотипите, се спроведува дискриминација и намалување на вредноста на личноста. Можеби проблемот не е во тоа што некој сака да праша, туку во контекстот во кој се одвива таквата комуникација. Да го смениме контекстот. Да внесеме меѓусебна почит и емпатија во секојдневната комуникација и да внимаваме како јазички го обликуваме тоа прашање.
Токму затоа на регионалната конференција за жени Профемина 2024, која се одржа на 22 ноември во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во рамките на шестата панел-дискусија: „Прашања кои (не) треба да ги поставуваме: кога ќе… се омажиш? родиш дете? ослабнеш?…“, м-р Ивана Јанева Попов, бренд-менаџерка на Vichy, Септима, Викторија Јаначковиќ, доктор по стоматологија и магистер по европска и меѓународна политика и дипломатија, Ивана Кнез, модна дизајнерка и проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на УКГАК ја споделија сопствената листа прашања кои не треба да ги поставуваме, образложувајќи ни од своја гледна точка и зошто.
Модераторка на панелот, водителката Снеже Велков, ја започна панел-дискусијата на интерактивен начин така што почна да и’ ги поставува на публиката гореспоменатите „незгодни“ прашања“, а потоа ги праша соговорничките со две презимиња зошто одлучиле да го додадат презимето на сопругот.
„Ивана Јанева се омажила со Попов – Ивана Јанева Попов. Додавањето презиме или земањето на презимето на сопругот не значи губење на идентитетот“, одговори м-р Ивана Јанева Попов, бренд-менаџерка на Vichy, Септима.
Веднаш потоа Ивана Кнез откри како реагира кога ќе и’ го постават прашањето „кога ќе се мажиш“?
„Според мене, луѓето што поставуваат вакви прашања се неписмени. Треба да имаме поголема емпатија“.
Викторија Јаначковиќ има дете, а не е мажена, па сподели со какви реакции се соочувала и таа:
„Убаво е да се омажиш, но не дека мора да се случи по секоја цена. Јас се омажив, се разведов, затоа што не сакав да имам дете во дисфункционално семејство. Сега имам дете, а не сум омажена. Ме прашуваат: ‘Па како дете? Од кого е детето’. Од Трајче, што да им одговорам! Имам многу пријателки што не се во среќен брак а имаат деца, само затоа што се плашеле од тоа што ќе кажат другите.“
Проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев го кажа својот став како докторка, но и како жена, за тоа кој начин на породување е подобар: спонтано или со царски рез.
Поврзани објави
„Сметам дека жената најдобро е да се породи спонтано, освен ако нема контраиндикации. Царскиот рез, сепак, е операција, а секоја операција носи свои последици. Но спонтаното породување ја менува жената, а денешните современи жени сакаат си останат исти“, директорка на УКГАК ја појасни разликата помеѓу спонтаното породување и породувањето со царски рез, а потоа се надоврза на соговорничките и го сподели своето искуство со туѓите очекувања и коментари:
„Да се надоврзам на тоа што го зборуваа моите соговорнички. Еве, јас сум мажена, имам две деца, па и кај мене во фамилија ги има тие тетки-стринки што ќе речат: ‘многу си амбициозна, зошто не им се посветиш повеќе на децата?’ Така што секогаш ќе ти најдат маана.“
Ивана Кнез појасни зошто женската сила е есенцијална и зошто е неопходно да се поддржуваме меѓусебно.
„Жената е енергијата што го движи светот. Колку и да е мажот главата, тој не може да стигне никаде без вратот и пршлените. Од лични искуства познавам многу успешни мажи, зад кои стоеле десетпати поуспешни жени. Но во Македонија некако ми недостасува повеќе да се поддржиме ние жените, ми недостасуваат вакви случувања, ми недостасува да ја вратиме културата на театар, културата на водење разговор наместо гледање во телефон.“
Директорката на УКГАК имаше поразличен став од Ивана Кнез во однос на тоа колкава поддршка постои помеѓу жените денес.
„Јас доаѓам од женско друштво и сопругот често ми вели дека живее во матријархат. Тој секогаш ми помагал и ме поддржувал. А и тој е успешен кардиохирург, не е дека јас сум кариеристката. Точно е дека многу мажи денес очекуваат се’ да прави жената за нив, но многу зависи и од тоа како ќе се поставиш. Мора да се бориме и не смееме да им попуштаме.“
Кој треба да те научи да се сакаш самата себеси – Снеже Велков им го постави ова инспиративно прашање на учесничките, а тие понудија уште поинспиративни одговори.
„Останете тоа што сте. Јас сум Ивана и јас сум таква каква што сум. Ќе стареам добро, ќе живеам правилно, ќе го љубам сопругот онолку колку што ме љуби тој. За брчките нема да зборувам, тука е Vichy, тоа го решивме. Најважно е да се сакаме и почитуваме себеси“, одговори Ивана Јанева Попов.
Проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев откри што нејзе и’ донело најголема среќа.
„Треба да си ја најдеме својата среќа. Јас го одложував раѓањето деца поради кариерата и мислев дека ќе имам едно дете. Но кога ја добив Софија, тоа ми предизвика таква среќа што веднаш посакав второ. Втората бременост ми беше потешка поради годините, но пред неколку дена на УКГАК се породи жена 61-годишна возраст, па си реков, којзнае, можеби ќе имам и трето.“
Снеже Велков ја заокружи дискусијата со прашањето „како да им се одговори на незгодните прашања“, а соговорничките беа едногласни кога кажаа дека најважно е тие да живеат онака како што сакаат и да бидат задоволни и среќни од самите себе.