Почетна ТехнологијаЌе ја разреши ли Таравари денеска директорката на „Козле“?

Ќе ја разреши ли Таравари денеска директорката на „Козле“?

од nenad
3 минути читај за

Директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, „Козле“ Каролина Симоновска денеска во 11 часот е викната во Министерството за здравство на разговор поради се понагласениот бунт кој во оваа Клиника против нејзиното раководење го почнаа 30 лекари. Дел од вработените во Клиниката каде се лекуваат деца, вчера до медиумите испратија протестно отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари во кое бараат директорката да биде итно разрешена поради меѓучовечките проблеми што ги имаат со неа, но и поради како што велат, лошото менаџирање од кое штета трпат најмладите пациенти. Симоновска пак комплетно негира дека раководи погрешно и во свој допис до медиумите посочува дека мотивацијата на овие лекари е политичка и опортунистичка додека таа раководи за општото добро.

Нетрпението меѓу Симоновска и дел од персоналот вчера довело до тоа во болницата да се собираат потписи од дел од вработените медицински сестри, хигиеничари, вработени во пералната но и доктори на список каде тие ја изразуваат својата поддршка за неа. Дел од лекарите се закануваат со неодење на работа, штрајк, земање боледувања, само за да не присуствуваат во жижата на оваа внатрешна тензија која трае подолго време. Министерот за здравство Таравари со месеци на разговори во својот кабинет ги прима докторите од „Козле“ и ги слуша нивните поплаки за Симоновска без да преземе чекори. Меѓутоа, за денешниот состанок во Министерството за здравство има две можности – или тој ќе служи за „пеглање“ на односите во Клиниката или ќе резултира со нејзиното разрешување како што бараат лекарите.

Во отвореното писмо тие наведуваат дека бронхоскопскиот тим се распаднал и зависи само од пензиониран ОРЛ специјалист кој е викан од дома кога во „Козле“ ќе дојде дете на кое му залетнал предмет во дишните патишта. „Слободен печат“ за распаѓањето на бронхоскопскиот тим пишуваше уште пред 4 месеци, но исто како и сега – Симоновска го негира ова. Таа вели дека се функционира тековно. Меѓутоа, во отвореното писмо што лекарите го пратија вчера до медиумите наведен е еден загрижувачки податок – дека бројот на бронхоскопии изведени по давањето оставки на раководителката, паднал драстично. „Поради низа несогласувања, неразбирање од страна на директорката, оставки од бронхоскопскиот тим дадоа двајца најискусни бронхоскописти зашто инсистираа на совесно и професионално работење, а останатите доктори и сестри ги поддржаа и се изјаснија дека функционирањето на тимот е невозможно без нив. За да докаже дека не се во право, формира нов тим во кој единствен искусен бронхоскопист е пензиониран ОРЛ специјалист. На фиктивниот список фигурираат уште педијатри и инфектолог кои никогаш немаат направено бронхоскопија и ОРЛ специјалист кој уште се обучува. Кога ќе дојде итно дете под сомнение за вдишано туѓо тело решението е да се препраќа на Клиниката за ОРЛ.

Со ова менаџирање од извршени 67 бронхоскопии во 2023 година, преку 40 извршени од јануари до јуни 2024 година, откако е дојдена Симоновска до сега е само 3 бронхоскопии“, велат докторите во писмото до јавноста. Симоновска негира – вели се е тековно. Во Бронхоскопскиот кабинет непречено се реализираат дијагностички и терапевтски бронхоскопски процедури од страна на стручни и специјализирани кадри. Оваа група на незадоволни поединци кои што се политички мотивирани вршат огромен притисок и го рушат кредибилитетот на институцијата и другите доктори и останатиот персонал, пишува во демантот што вчера го испратија од Клиниката. Во услови на длабоко нарушени меѓучовечки односи на Клиниката, јасно е дека постојат две групи – едната што ја поддржува директорката и другата составена дури од 30 лекари, што бара нејзина смена. Во интерес на пациентите се очекува крајниот збор да го каже Таравари.