Почетокот на новата учебна година ќе ги зголеми маките на скопјани, кои секое утро го почнуваат со долго чекање автобуси за на работа. Во услови кога ниту има доволно автобуси, ниту се знае возниот ред, ниту пак се почитува стариот, донесен пред многу години, поаѓањето на учениците на училиште двојно ќе ги зголеми проблемите. И наместо навреме да се решаваат проблемите, особено што автобуси недостасуваат подолг период, а во меѓувреме се расипуваат и други, нови возила нема и наскоро нема ни да се набавуваат. Па, така, дојде уште еден први септември кога официјално стартува зимскиот возен ред, кој според моменталната состојба со јавниот превоз, ќе биде многу проблематичен за граѓаните.
Кој и за што е виновен за ваквата состојба, во моментов е сосема неважно, затоа што товарот од неодговорноста и негрижата ќе го поднесуваат повторно граѓаните, кои се оставени да се снаоѓаат во хаосот во обид да стигнат навреме онаму каде што тргнале. Како ќе изгледа тоа в понеделник, само може да се претпостави. Според последните информации од директорот на ЈСП, Драги Кушовски, досега за нормален превоз недостасуваа најмалку 40-ина автобуси, а од септември ќе фалат стотина.
Како привремено решение за да се намалат последиците Кушовски на координативната средба што ја организираше градоначалничката Данела Арсовска посочи дека до 1 септември треба да се поправат 30-ина автобуси што се вон употреба, но за тоа требаше да се употребат средства што стојат на наменска сметка за изградба на булеварот Хасан Приштина.
До каде е поправката на 30-те автобуси?
Сега, од ЈСП „Скопје“ нема одговор до каде е поправката на автобусите и со колку возила ќе стартува зимскиот возен ред в понеделник. Оттаму не одговараат ниту дали ќе се приспособи возниот ред со расположливиот број автобуси за да не чекаат граѓаните со часови по автобуските постојки.
Друг проблем се и приватните превозници, кои во последниот период никој не ги споменува, а тие возат кога сакаат, затоа што ЈСП не им ја плаќа со месеци услугата која треба да им ја пружаат на граѓаните. Тие по улиците можат да се сретнат наутро или после 17 часот попладне, но ги нема во „шпицовите“ кога се најпотребни.
Малтретирањата на граѓаните во јавниот градски превоз ќе продолжи и во наредната година затоа што Град Скопје и ЈСП нема да набавуваат нови автобуси. Причината е веќе добро позната, нетрпеливоста меѓу градоначалничката Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои две години не дозволуваат набавка на нови автобуси, но ниту реализација на проектот за Брз автобуски превоз, за кои веќе се обезбедени 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и лежат на наменска сметка неискористени.
Секако и набавката и проектот за БРТ не би можеле да се реализираат од денеска за утре, но доколку се изгласаше да почнат барем ќе можеше да се очекува дека состојбата ќе се подобри за неколку години. Вака како што е, прашање на денот е кога јавниот превоз целосно ќе колабира и кога веќе нема да остане ништо што ќе може да се поправа и приспособува за да се тркала по улиците.
Последното негласање на предлогот за набавка на нови автобуси беше со образложение дека во буџетот на Град Скопје не се предвидени средства за таа намена. Во овој момент ниту во буџетот на Град Скопје ниту со ребалансот не се обезбедени средства за набавка на автобуси. Ваков предлог би имал смисла доколку во буџетот за 2025 се определат средства и потоа се гласа за одлуката. Не постои никаква оправданост сега, ова не е делива набавка, ќе набавиме сега еден автобус, па друг. Доколку има определена ставка во буџетот за 2025 не гледам причина да не се гласа за ова. А сега, ова е несериозен предлог – рече претседателот на Советот, Трајко Славески.
Градоначалничката Данела Арсовска по завршувањето на седницата информира дека граѓаните на Скопје треба да знаат дека единствено одговорни за колапсот на јавниот превоз во главниот град е ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кои сметаат дека со терање инает со граѓаните ќе добијат политички поени во пресрет на локалните избори.Прво побараа наместо од задолжување автобуси да се набават од сопствено финансирање, сега бараат и конкретен извор.
Им дадовме можност да одберат банка, да изготват спецификација, да оформат комисија и слично, сѐ да направат тие, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка. За да нема повеќе оправдувања, им беше понудено да кажат каква одлука сакаат, им ги прифативме сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласаат. Тоа беше единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не – смета Арсовска.
„Не“ за набавка на нови автобуси, „да“ за развоен план за јавен превоз!?
Но, иако не се изгласа набавката на нови автобуси, беше прифатен развојниот план за јавен превоз на патници на подрачјето на градот Скопје за периодот 2024-2026 година, а негова основна цел е унапредувањето на линискиот превоз на патници, обезбедување ефикасен урбан транспортен систем, со цел да се зголеми бројот на превезени патници, продуктивноста и транспортната работа кај превозниците. Како активности за подобрување на работењето на јавниот превоз во наредниов период во планот се предвидува сето она што им е потребно на граѓаните сукцесивно набавување 250 нови еко-автобуси, реорганизација на мрежата на автобуски линии со цел воведување нова мрежа на линии, унапредување на контролата на сообраќајот на автобусите и линиите преку системот на автоматска локација на возила и следење на нивното движење, обновување на урбаната опрема на автобуските стојалишта, како и унапредување на системот за информирање на корисниците на линиски превоз на патници, кој има за цел да обезбеди навремена и точна информација за линиите и возните редови.
Нејасно е како ќе се спроведува овој развоен план кога основното од него, набавката на нови автобуси не се дозволува. Во меѓувреме и средношколците и студентите побараа да им се обезбеди редовен превоз за да не доцнат на настава. За жал, тоа ниту ним ниту на другите граѓани никој нема да им го овозможи.