Секоја година на 26 јули, застануваме заедно, со мисли и срца исполнети со почит и вечен спомен кон оние кои ги изгубија животите во разорниот земјотрес кој го погоди нашиот главен град пред точно 62 години, објави на Фејсбук првиот човек на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој исто така е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори.
Ѓорѓиевски, кој денес положи свежо цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на Градските гробишта Бутел, потенцираше дека овој споменик не само што ја одржува жива меморијата за жртвите, туку и нѐ опоменува за јачината и отпорноста на нашиот град и на сите негови жители.
“По катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност.”
“Денес, додека положуваме цвеќе пред овој споменик, ветуваме дека ќе продолжиме да се сеќаваме на нашите загинати сограѓани. Нивната жртва нема да биде заборавена.”
“Нека овој ден биде потсетник за нашата заедничка одговорност и нека не обедини во нашата цел да создадеме побезбедна и посигурна иднина за сите нас.”
“Скопје ќе биде повторно горд Град! Да живее Скопје!”, заклучи Ѓорѓиевски. ац/Фото: ФБ на Орце Ѓорѓиевски .
Извор: МИА