Новак Ѓоковиќ вели дека е само дополнително мотивиран од сомнежите за повредата на задната ложа, која што му прави проблеми во досегашниот дел од Австралија Опен.
Претходните денови во некои медиуми се појавија такви тврдења, дури и Тод Вудбриџ изјави дека Новак можеби претерува…
„Сомнежите им ги оставам на нив, тие што се сомневаат нека продолжат да се сомневаат. Се сомневаат само во моите повреди, а кога ќе се повредат некои други играчи, тие се жртви. За нив јас сум тој што се преправа. Тоа е многу интересно. Немам чувство дека некому треба да докажам нешто. Имам снимки од оваа година, магнетна резонанца, ултразвук… Не ми е гајле што велат и мислат луѓето. Само го продолжуваат тој наратив околу мене, кој е различен од другите играчи. Навикнат сум на тоа, а тоа ми дава дополнителна сила. Значи – благодарам за тоа“, рече српскиот ас.
Ѓоковиќ и покрај проблемите со повредите игра одлично во Мелбурн и во четвртфиналето на Австралија опен ќе се сретне со Андреј Рубљев.