Почетна ЕкономијаШефчович: Трговска војна е алтернатива на договорот ЕУ-САД

Шефчович: Трговска војна е алтернатива на договорот ЕУ-САД

од nenad
2 минути читај за

Унифицирана царинска давачка од 15 проценти, 750 милијарди долари во стратешки енергетски набавки од САД и дополнителни 600 милијарди долари вложувања во американската економија, се главните столбови на трговскиот договор склучен вчера меѓу ЕУ и Соединетите Држави, соопшти денеска на конференција за медиуми еврокомесарот за трговија, Марош Шефчович.

“Ако треба овој договор меѓу ЕУ и САД да го сумирам во една реченица, би рекол дека тој носи обновена стабилност и ја отвора вратата за стратешка соработка”, истакна Шефчович.

“Од самиот почеток бевме убедени дека нашите трансатлантски односи заслужуваат договор и затоа мојот тим и јас бевме десет пати во Вашингтон”, рече Шефчович. Тој потенцираше дека договорот е резултат на повеќемесечни искрени и упорни напори насочени кон исход во интерес и на ЕУ и на САД, кој истовремено ќе овозможи продолжување на меѓусебната трговија.

Според него, алтернатива на овој договор би била трговска војна. “Трговската војна може да изгледа привлечна за некого, но таа носи сериозни последици”, предупреди Шефчович. “Со царина од најмалку 30 проценти нашата трансатлантска трговија би била ефикасно запрена, ставајќи во опасност близу пет милиони работни места, пред се оние во малите и средни претпријатија”, подвлече Шефчович.

Еврокомесарот додаде дека договорот вклучува и значајна листа на производи за кои и ЕУ и САД ќе применуваат нулта царинска стапка, која останува отворена за понатамошни дополнувања, поставува јасни изгледи за креирање заедничка заштита од глобалниот вишок на челик, алуминиум, бакар и нивните производи преку царински квоти за повластен третман и намалување на царините за извозот на европски автомобили на американскиот пазар од сегашните 27,5 на 15 проценти.

“Ова ќе ја подобри нашата глобална позиција и ќе го зајакне нашиот синџир на вредности”, потенцираше Шефчович.

Тој нагласи дека договорот предвидува и стратешки набавки на гас, нафта и нуклеарно гориво од САД, но и купување на американски чипови за вештачка интелигенција, со што ќе се зајакне технолошка предност во полза на двете страни.

“Се на се, ова е договор кој треба да генерира значајни и взаемни придобивки и се надевам дека ќе биде чекор кон поширок договор за трговија и инвестиции меѓу ЕУ и САД во иднина, а воедно ќе ги поттикне и нашите заеднички напори за справување со итни глобални предизвици, како што е многу потребната реформа на СТО”, заклучи Шефчович, додавајќи дека за содржината на договорот ЕК претпладнево ги информирала земјите членки на ЕУ и Европскиот парламент.

сп/са/ Фото: ЕБС .

Извор: МИА