Хрватска соопшти дека воведува нови мерки и построги казни за борба против насилството врз жените, како и специјалното кривично дело тешко убиство на жена. „Приоритет е построго казнување на насилството и зајакнување на правата на жртвите“, рече премиерот Андреј Пленковиќ на презентацијата на мерките на средбата со претставници на институции и здруженија на граѓани во Загреб.
Станува збор за измени на повеќе закони, а меѓу новитетите, покрај кривичното дело фемицид, има и притвор за прекршување на заштитните мерки, повисоки казни за силување и информирање на жртвата за ослободување на сторителот.
„Одлучивме да испратиме јасна и недвосмислена порака до сите сегменти на општеството дека е неприфатливо да се убива жена, бидејќи е жена. Затоа воведуваме посебно кривично дело – тешко убиство на жена, фемицид, за кое ќе се казни со затворска казна од најмалку десет години до долготраен затвор“, рече Пленковиќ.
Со измените и дополнувањата на повеќе закони, меѓу другите, Кривичниот законик, Законот за заштита од семејно насилство, Законот за судовите и Законот за семејство, се укинуваат застареноста на сите тешки кривични дела сексуална злоупотреба и експлоатација на деца, се воведува правото на жртвата да поднесе жалба против решението за заштитна мерка, а полицијата добива овластување да го приведе насилникот кога постои сомневање дека е прекршена мерката.
.


