Франција денес ја обвини Русија за серија сајбер напади врз француски установи и случувања, вклучувајќи ги и минатогодишните Олимписки игри, како и изборите во 2017 година.
Во соопштение од Министерството за надворешни работи се вели дека Франција ги осудува нападите и смета дека единица на руската воена разузнавачка служба, групата APT28, е виновна за нив.
Од Министерството истакнуваат дека десетина француски институции биле мета на вакви сајбер напади од 2021 година, вклучувајќи ги и јавните служби, приватните компании и спортска организација поврзана со организацијата на Олимписките и Параолимписките игри во 2024 година.
„Ваквите дестабилизирачки активности се неприфатливи и недостојни за постојана членка на Советот за безбедност на ОН“, стои во соопштението. Во него се додава и дека руското воено разузнавање, исто така, го саботираше телевизискиот канал TV5Monde во 2015 година и се обиде да ги дестабилизира француските избори во 2017 година.
Франција и нејзините сојузници се одлучни да ги употребат сите расположливи ресурси за да се спротивстават на злонамерните сајбер напади на Русија.
Покрај Франција, и голем број други европски држави, исто така, беа цел на руското воено разузнавање во изминатите години. Германија верува дека групата APT28 е одговорна за сериозен сајбер напад врз Бундестагот во 2015 година и за напад врз седиштето на Социјалдемократската партија во 2023 година.