Почетна ВестиФон дер Лајен повика на „епохално“ проширување на ЕУ!

Фон дер Лајен повика на „епохално“ проширување на ЕУ!

од nenad
2 минути читај за

Унијата може да се прошири и пред да се реформира, забележа претседателката на Европската комисија и поддржа нова промена на Повелбата на ЕУ „ако тоа е непходно“

   

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен побара „и Украина да биде вклучена во ЕУ со повеќе од 30 членки“, оценувајќи дека проширувањето на Унијата би било „епохална одлука“.

– Историјата сега нѐ повикува да работиме на комплетирање на нашата Унија. Во свет во кој некои настојуваат да избираат земји една по една, не можеме да си дозволиме да ги оставаме назад другите Европејци. Во свет во кој големината и тежината се важни, јасно е дека стратегиските и безбедносните интереси на Европа се да ја комплетираме нашата Унија – порача Фон дер Лајен во годишното обраќање до Европскиот Парламент.

Шефицата на Европската комисија забележа дека Унијата може да се прошири и пред да се реформира, а во исто време поддржа нова промена на Повелбата на ЕУ „ако тоа е непходно“.

– Не можеме, и не треба да чекаме промени во Повелбата за да продолжиме со проширувањето. Може побрзо да постигнеме Унијата да биде спремна за проширување – изјави претседателката на ЕК.

Притоа таа додаде дека секогаш ќе ги поддржува, како што кажа, овој дом и сите оние што сакаат да ја реформираат Европската Унија за да биде поефикасна за нејзините жители.

– И, да, тоа значи преку Европската конвенција и промени на Повелбата, ако е потребно и каде што е потребно – рече таа.

Фон дер Лајен го спомна и „историскиот повик“ за прием на Украина, која забрзано чекори кон членство во ЕУ откако беше жртва на руската воена инвазија. Токму руската инвазија го промени ставот на многу членки на Унијата, вклучувајќи ја и Франција, кои бараа проширувањето да запре сѐ додека ЕУ не се реформира.

Пораката на Фон дер Лајен за проширувањето секако ќе има влијание врз претстојните дебати меѓу 27-те членки и за реформите и за проширувањето на состанокот на Европската политичка заедница на 5 октомври и на самитот на ЕУ во декември. Неколкумина европратеници веќе дадоа предлози за промена на Повелбата, а многу членки се противат на идејата. Фон дер Лајен ја задолжи Европската комисија да изработи проекција како би изгледале Европскиот парламент и Комисијата во проширена ЕУ.