Почетна СветФолклорната група при Македонски клуб “Илинден“- Латцен-Хановер чувар на македонската традиција во Германија

Фолклорната група при Македонски клуб “Илинден“- Латцен-Хановер чувар на македонската традиција во Германија

од nenad
5 минути читај за

Фото: Македонски весник “Илинден”

Далеку од родната Македонија, во срцето на македонската заедница во северниот дел на Германија, со години се негуваат македонскиот јазик, песната, орото и народните обичаи. Еден од примерите за посветена работа во зачувувањето на македонската традиција е Македонскиот клуб “Илинден“- Латцен – Хановер, кој повеќе од четири децении е место за собирање, дружење, културно поврзување и пренесување на македонските вредности на помладите генерации.

Корените на клубот се поврзани со Спортското друштво “Илинден“, формирано на 27 мај 1979 година. Од 1985 година клубот го носи името Македонски клуб “Илинден“, а на 5 септември истата година е регистриран во Хановер.

Фото: Македонски весник “Илинден”

Во текот на своето постоење, клубот развива активности во областа на спортот, културата и дружењето, создавајќи простор каде што Македонците од Латцен, Хановер и околните места можат да се среќаваат, да го негуваат мајчиниот јазик и да ги пренесуваат традициите на следните генерации.

Повторно го активиравме фолклорот

По една кратка средба и иницијатива на претседателот на клубот, Живко Лазаров, и тогашниот член на Управниот одбор, Слободан Петров, повторно беше активирана фолклорната секција и македонскиот фолклор повторно заживеа во Латцен.

Стевче Ангелкоски своите први чекори во фолклорот ги направил во АФ „Гоце Делчев“ од Битола, каде што бил член десет години. Пред 18 години, како играорец на истото друштво, имал можност да настапи токму во Латцен, на фестивалот организиран од Македонскиот клуб “Илинден“.

Фото: Македонски весник “Илинден”

По толку години, повторно се враќа во истата приказна, овојпат како еден од оние кои придонесуваат за развојот на фолклорот во македонската заедница во Германија.

Особена благодарност упатуваат до кореографот Бранко Жежовски, со кого имаат долгогодишна соработка, добра комуникација и пријателски односи. Благодарение на неговата поддршка, како и на поддршката од целото друштво, фолклорната група успева континуирано да напредува. Соработката продолжува и денес.

Во 2026 година, членовите на АФ „Гоце Делчев“ од Битола повторно беа гости на фолклорниот фестивал што Македонскиот клуб “Илинден“ го организираше во Латцен.

Во изминатиот период фолклорната група настапувала на повеќе фестивали и различни културни настани организирани од клубот. На дел од нив гости биле и познати македонски музички имиња, меѓу кои Јордан Митев, Спасен Силјановски и Сузана Гавазова.

Денес може да се каже дека фолклорната група се развива во добра насока. Секоја година се приклучуваат нови членови, групата расте и напредува чекор по чекор.

„Нашата цел е да го зачуваме македонскиот фолклор, традицијата и културата и да ги пренесеме на младите генерации тука, во Германија. Од една средба започна иницијативата, а денес градиме приказна која продолжува“, вели Живко Лазаров, претседател на Македонскиот клуб “Илинден“- Латцен – Хановер.

Тој додава дека клубот и понатаму ќе ѝ дава целосна поддршка на фолклорната група.

„Ќе продолжиме заеднички да работиме на зачувување и промовирање на македонската традиција, особено кај младите“, истакнува Лазаров.

Фолклорот – мост меѓу генерациите

Посебно место во работата на клубот има фолклорната секција. Фолклорната група во еден период беше предводена од Стевче Ангелкоски, а денес ја предводи Горанчо Тренкоски. Во моментов брои 21 член, на возраст од 10 до 78 години.

„Најголемиот број членови се на возраст од 14 до 19 години. Тоа особено нè радува, бидејќи младите се иднината на нашата традиција“, вели Горанчо Тренкоски.

Фото: Македонски весник “Илинден”

Во групата заедно играат млади и повозрасни членови, што создава можност традицијата непосредно да се пренесува од една генерација на друга. Најстара членка е Олга Михаилова, која има 78 години, а меѓу активните членови е и Елизабета Тренкоска.

Токму оваа разноликост е една од најголемите вредности на групата – на исто место се среќаваат различни генерации, обединети од љубовта кон македонското оро, песната и традиционалната носија.

Настапи и фестивали

Фолклорната група активно учествува на културни настани и фестивали во Германија и соработува со македонски, но и со други културни друштва.

Во 2026 година организираше дводневен фолклорен фестивал во Латцен, на кој учествуваа гости од Македонија, меѓу кои и Фолклорната група „Гоце Делчев“ од Битола, како и уште четири фолклорни групи од Германија.

Групата настапи и на „Sommerfest“, организиран од српската заедница во Хановер на 20 јуни. За 14 ноември е планирано учество на прославата на Македонците во Хановер.

Особена чест за членовите претставува и поканата за учество како почесен гостин на завршниот концерт на КУД „Никола Вапцаров“ од Скопје, кој ќе се одржи во Македонската опера и балет. Македонскиот клуб „Илинден“ и КУД „Никола Вапцаров“ се збратимени клубови, што дополнително ги потврдува врските меѓу македонските културни друштва во татковината и дијаспората.

Постои и можност фолклорната група да учествува во емисиите „Качамак“ и „Везилка“, посветени на македонскиот фолклор.

Младите се иднината на традицијата

Фото: Македонски весник “Илинден”

Најголемото значење на фолклорната група е во нејзината работа со младите. Поголемиот дел од членовите се тинејџери и млади луѓе кои растат во Германија. Преку песната, музиката, традиционалните носии и орото, тие ја запознаваат културата на своите родители и предци и ја градат својата врска со Македонија.

„Најважно е младите да ја сакаат традицијата и самите да почувствуваат дека таа е дел од нивниот идентитет. Ние можеме да им покажеме и да ги научиме, но најубаво е кога тие самите ќе ја засакаат“, вели Тренкоски.

Токму затоа фолклорот е многу повеќе од изучување кореографии. Тој е мост меѓу генерациите, мост меѓу Македонија и Германија и врска меѓу минатото и иднината.

Македонскиот клуб “Илинден“- Латцен – Хановер, со своето повеќедецениско постоење, покажува дека македонската култура може да живее и далеку од татковината. А додека во Латцен се игра македонското оро, се пеат македонски песни и се чуваат традиционалните носии, македонската традиција продолжува да живее, да се развива и да се пренесува од поколение на поколение.


Post Views: 6

Извор : vesnik-ilinden.com

Фолклорната група при Македонски клуб “Илинден“-Латцен-Хановер чувар на македонската традиција во Германија