Словачка ќе го спречи секој напор за наметнување санкции од страна на Европската Унија кон Русија, нагласи денес словачкиот премиер Роберт Фицо, по усвојувањето на резолуцијата во парламентот на државата. Со резолуцијата се бара од владата да не поддржува никакви нови казнени мерки против Москва.
Фицо напомена дека Словачка има желба да остане конструктивна во рамките на ЕУ, но истовремено истакна дека резолуцијата на парламентот претставува политичка алатка која испраќа силна порака.
“Доколку има санкции што ќе ни наштетат, никогаш нема да гласам за нив”, изјави тој на прес-конференција.
Словачка, како членка на НАТО и ЕУ, има различен став од своите западни сојузници во однос на нејзината позиција за Украина, откако Фицо и неговата левичарска националистичка коалициона влада ја презедоа власта.
Братислава го прекина снабдувањето со државна воена помош за Киев во војната со Русија.