Почетна ЕкономијаУЈП привремено затвори пет субјекти и воведе забрана за работа на други пет даночни обврзници

УЈП привремено затвори пет субјекти и воведе забрана за работа на други пет даночни обврзници

од nenad
2 минути читај за

Управата за јавни приходи (УЈП) реализираше 154 инспекциски надзори на терен за фискализација во периодот од 21 до 27 јули годинава, таргетирајќи различни видови бизниси.

Според информацијата од УЈП, контролите ги опфатија продавниците за широка потрошувачка, рестораните, туристичките агенции и хотелите, како и други комерцијални објекти за продажба на мало. “Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.”

Од вкупно 154 контролирани субјекти, кај 34 отсто, односно кај 52 од нив, се констатирани неправилности, согласно Законот за регистрирање на готовински промет. “За утврдените неправилности донесени се 52 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот”, изјавија од УЈП.

На пет даночни обврзници, додаваат од УЈП, им е изречена мерка за привремена забрана за вршење дејност, додека привремено затворени се три субјекти во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга. “Во Скопје извршени се 43 контроли и при истите утврдени се 9 неправилности; Во Струга, Охрид и Ресен извршени се 64 контроли, а утврдени се 10 неправилности во Струга, Охрид – 14, Ресен – 2; Во Прилеп извршени се 5 контроли, a утврдени се 3 неправилности; Во Струмица и Дојран извршени се 12 контроли, а утврдени се 2 неправилности во Дојран; Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности од кои 4 во Тетово и по една во Гостивар и Кичево; Во Штип, Македонска Каменица и Берово извршени се 15 контроли и утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово”, се наведува во соопштението.

Од УЈП апелираат сите даночни обврзници да работат одговорно и во согласност со законските прописи, со цел да помогнат во зајакнувањето на даночната усогласеност и подобрувањето на даночната дисциплина во земјата. Врз основа на извршените контроли, оттаму велат дека УЈП ќе спроведе вкрстени проверки со цел да се утврди веродостојноста на пријавените приходи кај даночните обврзници.

“Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска, туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување.” Управата за јавни приходи останува посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници. “Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на одржлив, функционален и фер даночен систем”, потенцираат од УЈП.

ра/вј/Фото: МИА архива / УЈП
Извор: МИА