Почетна ЕкономијаУЈП ги објави највисоките плати: Пет лица заработиле над два милиони евра годишно

УЈП ги објави највисоките плати: Пет лица заработиле над два милиони евра годишно

од nenad
1 минути читај за

Највисоката исплатена плата во Македонија во 2025 година изнесувала речиси 190.000 евра бруто месечно, покажува извештајот на Управата за јавни приходи (УЈП). Примателот на оваа сума работел во секторот за вадење камен јаглен, а неговите годишни примања надминале 2,2 милиони евра. Во споредба со највисоката плата претходната година, износот е зголемен за околу два отсто.

Сите пет највисоки плати исплатени минатата година во земјава надминале два милиони евра на годишно ниво, пресметано во бруто-износ. Интересно е што сите овие примања биле исплатени во Скопје, а лицата што ги оствариле работеле во различни дејности, меѓу кои аптеки, трговија со тутун, храна и пијалаци, болничка дејност и продажба на фармацевтски производи.

Високи суми биле пријавени и по основ на други приходи, надвор од редовните плати. Најголем дополнителен годишен приход остварил жител на Скопје, кој во 2025 година пријавил нешто помалку од два милиони евра бруто. Меѓу петте највисоки вакви приходи се издвојуваат уште три износи над еден милион евра, како и еден приход од 42 милиони денари.

Кога станува збор за дивидендите, најголем износ пријавил жител на Гевгелија, кој минатата година добил повеќе од четири милиони евра. Слична сума од дивиденди пријавил и жител на Охрид.

Податоците на УЈП покажуваат и раст на бројот на годишните даночни пријави. Во 2025 година биле изготвени вкупно 863.100 пријави, односно речиси 83.000 повеќе отколку во 2024 година. Тоа претставува зголемување од 10,6 проценти.

Истовремено, утврдениот бруто-приход пораснал за 74,1 милијарда денари, или за 13,8 проценти. Утврдениот данок на личен доход, пак, бил повисок за 4,9 милијарди денари, што е раст од 13,9 проценти во однос на претходната година.