Почетна ЕкономијаТурција укина дополнителни царини за американски стоки пред средбата Трамп-Ердоган.

Турција укина дополнителни царини за американски стоки пред средбата Трамп-Ердоган.

од nenad
2 минути читај за

Турција ги отстрани дополнителните давачки воведени на голем број артикли со потекло од САД, пренесе „Туркије тудеј“, цитирајќи уредба на претседателот Реџеп Таип Ердоган, објавена во турскиот Службен весник. Со оваа мерка се поништуваат низа тарифи воспоставени од 2018 година.

Овие давачки првично беа воведени како реакција на дополнителните давачки што САД ги наметна на увозот на челик и алуминиум од Турција во истата година.

Турското Министерство за трговија ја објасни одлуката за укинување на давачките на американските стоки со “позитивните преговори со САД и консултациите во рамките на Механизмот за решавање на спорови на Светската трговска организација (СТО)”.

Американските производи кои беа обременети со дополнителни давачки од Турција ги опфаќаа автомобилите (со 60%), етил алкохолот и алкохолните пијалаци (со 70%), козметичките производи (со 30%), производите од пластика (со 30%), суровиот тутун (со 30%), оризот (со 25%), оревите (со 10%) и други производи со дополнителни стапки од 10 до 25 отсто.

Министерството за трговија во Анкара изјави дека одлуката за укинување на дополнителните давачки е во склад со стремежот на Турција да оствари годишен обем на трговија со САД од 100 милијарди долари.

Во известувањето се наведува дека повлекувањето на давачките е дел од пошироките дипломатски контакти помеѓу Турција и САД, и дека одлуката претставува значаен момент во стратешкиот дијалог помеѓу двете сојузнички држави во НАТО.

На 25 септември е предвидена средба помеѓу претседателите Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа, како дел од посетата на турскиот претседател на САД каде ќе учествува на седницата на Генералното собрание на ОН.

Како што најави Трамп, двете земји работат на многу трговски и воени договори, “вклучувајќи и за голема претстојна набавка на авиони „Боинг“ и F-16”. Американскиот претседател исто така изјави дека двете страни ќе ги продолжат и разговорите за испорака на борбени авиони F-35 за Турција.

Анкара се надева дека ќе постигне спогодба со Вашингтон за борбените авиони од петтата генерација, откако беше исклучена од програмата за нивно производство по набавката на руските ракетни системи С-400.
јт/ .
Извор: МИА