Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, денеска изјави дека нема да има намалување на субвенциите, но дека предност ќе имаат сточарите кои главно живеат од земјоделство. Тој ова го кажа по ритуалот на кастрење на лозјето во Кавадарци, во чест на Свети Трифун, светецот-заштитник на лозарите и винарите.
На прашање од новинар во врска со информациите дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со повеќе од пет декари лозје, министерот одговори дека нема да има кратење на средствата.
„Имаме конзистентна и навремена помош и реформи во аграрниот сектор, кои ќе доведат до значајно зголемување на производството. Можеби новитет во програмата за 2026 година е јасната дистрибуција. Приоритет ќе имаат вистинските земјоделци, кои се прехрануваат од оваа дејност. Во претходните години се забележаа таканаречени „ловци на субвенции“, кои не ги обработуваат земјоделските површини, а сакаат да добијат субвенции. Сметам дека тоа не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е во согласност со законот. Затоа, оваа година најавуваме дека ќе имаме интензивна контрола на терен, за парите да стигнат до вистинските лозари и земјоделци, кои се од големо значење за економијата и руралните средини“, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Новата програма предвидува минимална површина од 0,5 хектари за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски потсети дека земјоделството е еден од клучните приоритети.
Кога беше прашан за одблокирањето на средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека Платежната агенција, со новиот тим за управување, работела на отстранување на сите забележани недостатоци и се очекува агенцијата наскоро да функционира нормално. Тој додаде дека агенцијата и сега работи со тековни плаќања за субвенции и за апликации за ИПАРД.
На новинарско прашање, министерот информира дека годинава, веднаш по донесувањето на програмата и традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите на лозарите. На над 12.500 лозари им биле исплатени речиси осум милиони евра. На почетокот на идната недела најави исплата на субвенции и за овоштарите. Трипуновски уверува дека сите субвенции се и ќе бидат исплаќани навремено.
Министерот истакна дека на денешниот празник се негува традицијата и културата поврзана со лозарството, една од најдобрите и најзначајните земјоделски култури. Тој им оддаде почит на лозарите кои произведуваат квалитетно грозје, а со тоа и винариите кои произведуваат квалитетно вино, кое е наш амбасадор.
„Како Влада и Министерство, остануваме посветени на поддршката на оваа гранка и развојот на оваа важна земјоделска култура“, нагласи министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозарско-винарски регион во земјата, тој посака здравје и благосостојба, и трудот на земјоделците да биде соодветно вреднуван.