Одговорност на општините е да ги извршат потребните проценки, изјави денес министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со можните оштетувања кај земјоделските култури предизвикани од пожарите.
“Сите штети од природни непогоди согласно законот, треба да ги процени општината. Треба да направи елаборат и да го достави до Второстепената комисија за проценка на штети.”
Минатите месеци имавме пролетен мраз и Комисијата работи континуирано за навремено да се надоместат штетите. “Значи, обврска на локалната самоуправа е – колку побрзо ќе го направи елаборатот, толку побрзо ќе биде ставен во владина процедура за обесштетување”, потенцираше министерот Трипуновски по состанокот со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Во врска со информацијата објавена од одредени медиуми дека во продавниците нема доволно домашни јајца, Трипуновски нагласи дека првпат слушнал за таков проблем.
“Прв пат слушам за ваков проблем, не знам за каков проблем станува збор. Јас знам дека нашето производство на јајца ги задоволува домашните потреби, а имаме и количини кои се извезуваат надвор од државата. Дополнително ќе проверам дали има проблем, немам информација дека има проблем со снабдување јајца на полиците во маркетите”, додаде министерот.
На прашањето за инфлацијата и најавените владини мерки, Трипуновски потсети дека основна цел на секторот земјоделство е да обезбеди доволно производи и преработки кои ќе ги задоволат потребите на домашниот пазар.
“Нашата цел е да ги стимулираме земјоделците за поголемо производство и тука сме фокусирани максимално. Преку програмите за поддршка сакаме да го зголемиме производството. Од лани работевме на враќање на количините пченица кои ќе ги задоволат домашните потреби и годинава, на оние 70 000 хектари кои ги имавме, собравме над 280 000 тони што е задоовлување на нашите потреби. Така работиме и на другите култури. Ние како Министерство ги поддржуваме сите категории земјоделци, но и правиме и измена на закони, правилници и креираме превентивни мерки, но, сепак е примарно зголемувањето на квантитетот”, заклучи Трипуновски.
мч/вг/фото/видео: МИА
Извор: МИА