Почетна ЕкономијаТриглав Осигурување со добивка од 141 милион денари, раст од 3 отсто за девет месеци

Триглав Осигурување со добивка од 141 милион денари, раст од 3 отсто за девет месеци

од nenad
2 минути читај за

„Триглав Осигурување“ АД Скопје остварило нето-добивка од 141 милион денари во периодот од јануари до септември 2026 година, што е за три отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Компанијата остварила подобар резултат од планираниот, а намалените трошоци придонеле за зголемување на профитабилноста, информира Македонска берза.

Нето-приходите од премии во првите девет месеци достигнале 918 милиони денари, што претставува раст од три отсто, односно за 30 милиони денари повеќе на годишно ниво. Сепак, бруто-полираната премија бележи намалување од 75 милиони денари, додека промените кај премиите предадени во реосигурување и соосигурување, како и кај резервите за преносна премија, имале позитивно влијание врз нето-приходите.

Приходите од финансиски вложувања изнесувале 47 милиони денари и биле пониски за 14 отсто во споредба со истиот период во 2025 година. Намалувањето се должи на помалиот обем на финансиски вложувања и пониските реализирани добивки од продажба на хартии од вредност.

Од друга страна, приходите од провизии од реосигурување достигнале 90 милиони денари, што е зголемување од 11 отсто на годишно ниво. Останатите осигурителни и други приходи изнесувале 15 милиони денари, со пад од 16 отсто.

Во расходната страна, нето-трошоците за штети изнесувале 391 милион денари, што е за 11 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Иако бруто-ликвидираните штети се намалиле за 24 милиони денари, промените во резервите за штети имале негативно влијание врз вкупните нето-расходи.

Нето-трошоците за спроведување на осигурувањето изнесувале 388 милиони денари и биле пониски за 15 милиони денари во однос на минатата година. Најголем придонес за намалувањето имале пониските трошоци за услуги, меѓу другото и поради тоа што компанијата веќе располага со сопствен деловен простор и нема трошоци за закуп како во претходната година.

Во однос на годишниот план, нето-добивката од 141 милион денари е речиси двојно повисока од првично планираните 72 милиони денари за анализираниот период. Вкупните трошоци биле за околу 34 милиони денари пониски од планираното ниво, главно поради пониските трошоци за брокерски провизии.

За целата 2026 година, според најновата процена, „Триглав Осигурување“ очекува премија од 1,809 милијарди денари, додека очекуваната добивка е 118 милиони денари. Првично планираната премија изнесувала 1,96 милијарди денари, а планираната добивка 75 милиони денари.

Компанијата најавува дека во претстојниот период ќе се фокусира на профитабилно и одржливо работење, јакнење на основните осигурителни активности, развој на стратешките производи и зголемување на оперативната ефикасност преку дигитализација и оптимизација на процесите.

Во извештајот се наведува и дека во периодот од јануари до септември 2026 година компанијата нема исплатено дивиденда, нема обврски по основ на кредитни задолжувања и нема направено значајни вложувања или продажба на материјални средства.