Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа обелодени дека „многу би сакал“ да го стопира финансирањето на американскиот јавен радио сервис Ен-Пи-Ар (NPR) и јавната телевизија Пи-Би-Ес (PBS), обвинувајќи ги за „многу пристрасни“ известувања.
„Ќе ми биде чест да ставам крај на тоа“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Американските јавни медиуми, со послаба гледаност од нивните европски колеги, подолго време се цел на критики од конзервативците, кои ги етикетираат како „премногу левичарски“. „Сите тие пари се фрлаат… И тие имаат многу пристрасен став“, додаде републиканскиот претседател.
При истото обраќање до медиумите, Трамп го нападна и главниот уредник на списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг, кој во понеделникот обелодени пропусти во воената безбедност.
Според веб-страницата на јавниот радиодифузен сервис Пи-Би-Ес, структурата што ги дистрибуира федералните субвенции располага со буџет од приближно 500 милиони долари годишно, одобрен од Конгресот при гласањето за буџетот.
Оваа структура, Корпорацијата за јавна радиодифузија, тврди дека дава „повеќе од 70 отсто“ од своите субвенции на бројни локални радио и телевизиски станици, кои пак ги откупуваат правата за реемитување програми произведени од националните структури, Ен-Пи-Ар и Пи-Би-Ес.
Националната структура на Ен-Пи-Ар, од своја страна, наведува дека добива „околу еден процент“ од директните федерални субвенции, а главно се финансира од реклами и програми купени од локалните станици.
Ен-Пи-Ар проценува дека 41 милион Американци, од вкупно 340 милиони жители, ги слушаат неговите програми секоја недела. Пи-Би-Ес проценува дека 36 милиони луѓе ја следат локалната телевизија на нејзината мрежа секој месец.
Администрацијата на Трамп неодамна донесе одлука да ја распушти владината агенција која ги надгледува радио станиците Глас на Америка (ВоА), Радио Слободна Азија и Радио Слободна Европа/Радио Либерти.
мс/фото: ЕПА
Извор: МИА