Американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати апел до американската централна банка (ФЕД) за редукција на каматните стапки, откако утринава беше објавен извештајот за вработеноста во април, кој ги надмина предвидувањата.
“Бензинот штотуку ја проби границата од 1,98 долари за галон, што е најниска цена во последните неколку години, цените на намирниците (и јајцата!) паднаа, цената на енергијата е во пад, каматните стапки на хипотеките паднаа, вработеноста е силна и уште многу добри вести, бидејќи милијарди долари пристигнуваат од царините”, наведе Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој потенцираше дека ова е “преодна фаза” и дека “тукушто почнуваме”.
“Потрошувачите со години чекаат цените да паднат. Нема инфлација, ФЕД треба да ја намали својата каматна стапка”, порача американскиот претседател.