Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изрази оптимизам во врска со решавањето на трговскиот спор со Канада и ги намали шансите Вашингтон да се повлече од Договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада (USMCA).
За време на средбата со премиерот на Ирска, Михол Мартин, вчера во Даблин, Трамп беше запрашан дали има намера да ги повлече САД од трилатералниот трговски договор. „Сè оди одлично. Ќе имаме прекрасни односи со Мексико. Всушност, имаме добри односи и со Канада“, изјави Трамп. Тој додаде дека договор со Отава би можел да биде постигнат „многу наскоро“, но не прецизираше дали официјалните трговски преговори веќе се обновени.
Американскиот претседател повтори дека Канада мора да го подобри односот кон американските земјоделци и да ги укине царините за нивните производи, кои, според него, достигнуваат и до 400%. „Веројатно многу наскоро ќе видите договор со Канада“, истакна Трамп.
Трговскиот конфликт меѓу двете соседни држави се прошири надвор од рамките на царините и ги загрози прекуграничните синџири на снабдување од кои зависат клучни индустрии, пред сè автомобилскиот сектор, забележува Блумберг. Преговорите за поширок трговски договор пропаднаа во последен момент во август, по што Трамп воведе царини од 50% за канадски стоки во вредност од милијарди долари.
На 8 септември, канадскиот премиер Марк Карни одговори со воведување царини за низа американски производи за широка потрошувачка и ги зголеми стапките за челичните производи од САД од 25% на 50%. Трамп, од своја страна, најави дополнителни мерки, меѓу кои и забрани за одредени канадски производи. Карни, сепак, подоцна сигнализираше дека нов круг контрамерки е малку веројатен, оценувајќи дека последните американски ограничувања ќе имаат „скромно“ влијание.
Во четвртокот тој потврди дека разговарал со Трамп за геополитички прашања, без да прецизира дали тема на разговор биле и трговските односи. Изјавите на двајцата лидери ги поттикнуваат надежите за деескалација на тензиите и изнаоѓање излез од економскиот спор што прерасна во поширока политичка конфронтација, наведува Блумберг.
Трамп во изминатиот период повеќепати изјавуваше дека Канада треба да стане 51-та американска сојузна држава, а канадскиот премиер го нарекуваше „гувернер“. Овие коментари предизвикаа негативни реакции во канадската јавност и му овозможија на Карни да ја зацврсти позицијата како заштитник на националниот суверенитет.
Влошувањето на односите предизвика загриженост дека Трамп би можел да се закани со повлекување од USMCA, чекор што суштински би ги променил правилата за трговија во Северна Америка. Секоја од трите држави има право да се повлече од договорот со писмено известување од шест месеци, иако, според Блумберг, правната формулација остава одредени нејаснотии околу точната процедура.
Спорот со Канада добива дополнителна тежина за Трамп во пресрет на конгресните избори во ноември, на кои Републиканската партија ќе се обиде да ја задржи контролата врз Конгресот. Според анализите на агенцијата, поддршката за претседателот се соочува со предизвици поради економските притисоци и воената криза со Иран.
Меѓусебното воведување царини создава ризик од дополнително поскапување на стоките, што е меѓу главните грижи на гласачите. Тоа би можело да има негативно влијание врз републиканците во клучните погранични држави, како Мичиген, каде што се очекува неизвесна трка за место во Сенатот.
Извор: МИА