Почетна МакедонијаТимот на професорот Јовев со нова извојувана победа на Клиниката за кардиохирургија – за прв пат во Македонија изведоа хируршки третман на aтријална фибрилација- неправилен ритам на срцето

Тимот на професорот Јовев со нова извојувана победа на Клиниката за кардиохирургија – за прв пат во Македонија изведоа хируршки третман на aтријална фибрилација- неправилен ритам на срцето

од nenad
4 минути читај за

Професорот д-р. Сашко Јовев со неговиот тим од Државната клиника за Кардиохирургија минатиот месец за прв пат во Македонија изведоа хируршки третман на aтријална фибрилација- неправилен ритам на срцето, заболување кај кое пациентите имаат пет пати повисок ризик од мозочен удар и која доведува до срцева слабост, други срцеви заболувања и нарушено ментално здравје како последица на нарушениот квалитет на живот.
Јовев ексклузивно за 24 Инфо раскажува како се изведени овие хируршки зафати, за какво заболување станува збор и како да се овозможи што поголем број на пациенти да бидат третирани со оваа најсовремена метода на лекување.Каде се сретнавте со процедурата за хируршки третман на aтријална фибрилација (аблација) и зошто одлучивте да ја воведете на Државната клиника за Кардиохирургија?

Атријална фибрилација АФ- (Atrial Fibrillation AF) е неправилен ритам на срцето кој потекнува одпредкоморите и се јавува кај приближно 2% од популација под 65 години, односно 9 % кај популација над 65 години. Приближно 33 милиони луѓе во светот страдаат од оваа болест и нивниот број постојано се зголемува. Пациенти со АФ имаат пет пати повисок ризик од мозочен удар, кој најчесто завршува со смрт или предизвикува долготрајна онеспособеност со голема веројатност на повторување. АФ доведува до срцева слабост, други срцеви заболувања и нарушено ментално здравје како последица на нарушениот квалитет на живот. Кај пациентите упатени на кардиохируршка операција со историја на АФ, неколкукратно е зголемен ризикот од доцни несакани срцеви инциденти, мозочен удар и периоперативна смртност. Ова се причините зошто хируршката аблација е тема на сите кардиохируршки конгреси во Европа и САД ѝ се повеќе расте свесноста за неопходноста од ваков третман на пациенти со кардиохируршки заболувања. Хируршка аблација се работи со голем успех и во државите на Балканот. Под среќни околности, и ние, ништо помалку од големите светски кардиохируршки центри сега сме во можност паралелно со хируршки третман на основното срцево заболување да воведеме и аблација.
Хируршката аблација е комплексна процедура која се изведува со инструменти кои испорачуваат радиофреквентна енергија и соодветно трансмурално замрзнување – крио аблација. Со третманот се постигнува ефект во предкоморите на срцето кој ги стопира патолошките импулси, предизвикувачи на АФ што доведува до правилен синусен ритам како крајната цел на третманот. Со хируршка аблација се постигнува 75-95% излекување на АФ до 15 години по процедурата, го намалува ризикот од мозочни удари, превенира прогресија на срцевата слабост и целосно го подобрува квалитетот на животот на овие пациенти. Дополнително со аблацијата правиме и оклузија, затворање на левопредкоморен апендикс за да го елиминираме ризикот од создавање на тромб во овој дел од срцето како најчеста причина за мозочен удар. Слика 4,Каде го стекнавте практичното искуство за хируршка аблација?

Имав можност да заминам во Лувен, Белгија, во соодветен тренинг центар каде со насоки од специјалисти во областа на хируршка аблација ги совладав техниките на радиофреквентна и крио аблација, како и комбинација од двете наречена Maze IV која дава повеќе од 90 проценти долгорочно излекување на АФ.
Кога започнавте со хируршка аблација на Државна Кардиохирургија?
Првата радиофреквентна аблација беше направена на 5-ти Септември 2022 година. Потоа направивме уште две во текот на Септември, а на 21 ви Октомври за прв пат во Македонија на Државна Клника за Кардиохирургија беше направена целосна Maze IV аблација која обединува радиофреквентна и крио аблација. Имавме и поддршка од апликативен специјалист обезбеден од страна на производителот на инструментите кои ги користиме за оваа процедура.
Какви се резултатите од пациентите кај кои е направена хируршка аблација на клиниката?

Сите пациенти третирани со радиофрекрентна аблација како и пациентот на кој што му беше извршена Maze IV процедура непосредно после операцијата влегоа во синусен ритам. Тоа е многу добар знак за целосно излекување на АФ. Протоколот за пост- оперативно следење и третман на овие пациенти подразбира антикоагулантна и антиаритмична терапија во првите три месеци после операција. Понатаму се следи состојбата на пациентите и се донесува одлука за можноста за прекин на оваа терапија.Кои се вашите идни планови за оваа процедура?
Хируршката аблација е тимска работа и во наредниот период, за оваа процедура ќе бидат обучени и останатите кардиохирурзи од клиниката. Она на што ќе се заложам е хируршкиот третман на АФ да биде воведен како процедура под фондот за здравствено осигурување. Тоа би ја зголемило достапноста на третманот кај индицирани пациентите со што би се намалиле трошоците за лекување, а би се избегнале несаканите последици од нетретирана АФ кои веќе ги напоменав.

MAX HOSTING Д-р Виолета Фидановска

Leave a Comment