Судењето за случајот Ласкарци кон крајот на месецов ќе почне од почеток, откако конечно пристигна супервештањето за трагичната сообраќајна несреќа во која загинаа 16 луѓе.
За три недели треба да продолжи судењето за кобната несреќа со автобусот на „Друрмо Турс“ на автопатот Скопје – Тетово. И на речиси четири години по трагедијата кај Ласкарци нема правда за семејствата на загинатите и повредените од несреќата. Цела една година во Кривичниот суд не се одржа ниту едно рочиште бидејќи се чекаше на супер – вештачењето, кое го побара судот поради различните вештачења презентирани за тоа како се преврте автобусот на „Дурмо Турс“. Вештачењето сега е готово, но моментално го немаат сите адвокати за да можат да го разгледаат до закажаното судење на 24 јануари.
„На 27 декември беше доставено супервештачењето само до бранителите, дури немаше од Бирото за судски вештачења доволно примероци ни за судот, јас не би можел да ја знам содржината на супервештачето и каква ќе биде презентацијата на тоа супер вештачење“, вели во изјава за Канал 5 адвокатот на оштетените Владимир Николоски.
Николоски кој е адвокат на семејствата на загинатите и повредените патници, не очекува дека правдата ќе биде задоволена. Забележува што многу долго трае судскиот процес.
„Досега требаше барем да имаме и вторстепена пресуда за да знаеме каков би бил исходот. Семејствата се веќе се на раб од трпението и не може да истрпат толку време за да ја дочекаат правдата. Луѓето што заминаа не се враќаат, дали правдата ќе биде задоволена, по мене тешко“, вели Николоски.
На 24 јануари судењето треба формално да се врати од почеток, бидејќи повеќе од 60 дена не се одржа ниту едно рочиште. Од Кривичниот суд велат дека странките во постапката се сложиле само да се прочитаат сите изведени докази, а потоа да бидат повикани на сослушуување вештаците кои го изработија супервештачењето. За ова, Кривичен закажа седум рочишта. Потоа, доказната постапка за случајот „Ласкарци“ завршува и судот ќе треба да донесе пресуда.
Трагедијада со автобусот на „Дурмо Турс“ се случи ноќта на 19 февруари 2019 година. Загинаа 16 патници, а 38 беа повредени. Поради ова, обвинети се газдата на компанијата, Дурмиш Бељуљи, возачот на автобусот, како и одговорниот за транспорт во „Дурмо Турс“ за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќјот. А, обвинети се уште тројца вработени во Техничкиот центар – Гостивар во сопственост на Бељуљи каде се проверувала исправноста на автобусот кој се преврте на автопатот Скопје – Тетово