Шест децении подоцна, нејзиниот глас сè уште трае. Но зад насмевката на Блага Петреска стои животна приказна исполнета со љубов, големи успеси и болка.
Блага Петреска годинава одбележува 60 години музичка кариера, а и денес со својата појава и енергија остава впечаток. Нејзиниот музички пат започнал уште во младоста, а во 1967 година настапот на фестивалот „Омладина“ во Суботица со песната „Ветерот, ти и јас“ ѝ донел споредба со Нина Симон.
По преселбата во Скопје во 1969 година, Блага започнала да работи во Операта, ја снимила првата сингл-плоча, а потоа следувале настапи, фестивали и турнеи низ поранешна Југославија. Во тој период го запознала Павел Контраденко – Павка, архитект со кого во 1973 година ја крунисала љубовта со брак. Заедно ги добиле синот Олег и ќерката Оља.
Поврзани објави
Блага извесен период се повлекла од сцената за да биде со семејството, но музиката повторно ја повлекла назад. Настапувала со професионален воен оркестар и со бројни познати музичари, а подоцна повторно се вратила и на народната песна. Следувале нови снимки и турнеи, вклучително и настапи надвор од границите на тогашната држава.
Но токму една турнеја во Канада ја донела најтешката вест во нејзиниот живот. На самиот крај на 1982 година, непосредно пред Нова година, дознала дека нејзиниот сопруг починал. Во момент кога кариерата ѝ била во голем подем, Блага останала сама со своите деца. Наместо да се откаже, продолжила да пее и да работи, а песната станала еден од нејзините начини да продолжи напред.
printskrin youtube