Почетна ЕкономијаСтартува националната еко акција „Генералка викенд“ во организација на „Мен енд Маунтен“

Стартува националната еко акција „Генералка викенд“ во организација на „Мен енд Маунтен“

од nenad
3 минути читај за

Со средување на просторот околу Скопскиот аквадукт, во кое ќе земат учество 200 доброволци, денес официјално започнува еколошката иницијатива „Генералка викенд“, единствениот масовен еколошки настан, не само во државава, туку и на целиот Западен Балкан, во организација на „Мен енд Маунтен“ во соработка со Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал.

Оваа акција е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерството за животна средина.

Во склоп на еколошката кампања, чија цел е јакнење на свеста за важноста на заштитата на животната средина, на 9, 10 и 11 мај над 20.000 волонтери ќе чистат на повеќе од 500 места во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.

На церемонијата на отворањето на акцијата беше објавено присуството на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, директорката на секторот за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје, Снежана Савиќ Димовска, австрискиот амбасадор Мартин Памер, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, секретарот на Црвен крст, Сузана Тунева Пауновска, како и членови на амбасадите присутни во земјава, волонтери и повеќе јавни личности.

Со помош на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, по првпат „Генералка викенд“ ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“ што денеска ќе се спроведе во сите основни и средни училишта. Учениците од сите училишта низ државата денес ќе добијат за домашна задача, заедно со наставниците и професорите, да ги исчистат училиштата. Утре учениците заедно со нивните семејства ќе ги чистат домовите и просторот околу нивните живеалишта, а в недела заедно со семејствата ќе ги чистат парковите и местата за излет во нивното опкружување. Нивна задача е да го фото-документираат чистењето и на првиот училишен час да ги презентираат резултатите.

По тој повод денес учениците од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ од скопската населба Ново Лисиче ќе спроведат практични активности за заштита на животната средина во присуство на претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, директорката на Бирото за развој на образование Милка Тримчевска и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески.

Во очекување на еко настанот, со видео обраќање се јави и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која апелираше до граѓаните масовно да се приклучат кон акцијата: „Го раскинавме пријателството со планетата, ги игнорираме нервозните предупредувања на природата и не сакаме да се соочиме со тешката еколошка криза. Постојано зборуваме за зелени политики, а живееме во сиво црна реалност на убиствен воздух, загадени езера и реки, опустошени шуми и контаминирана почва. Природата не може да биде жртва на профитната агресија. Крајно време е да трчаме маратон кон поздрава животна средина и да склучиме примирје со природата“, вели Сиљановска Давкова во видео пораката.

„Доколку сакаме здрава иднина“, додава таа, „треба сите на 9, 10 и 11 мај да се обединиме во најголемата еколошка акција „Генералка викенд“, како доказ за национална одговорност и еколошка будност. Грижата ветува цврсти промени и верувам дека годинава ќе покажеме уште поголема еколошка зрелост доколку се вклучат повеќе волонтери за чиста и здрава животна средина“, нагласува Сиљановска Давкова.

Во согласност со меморандумот во времетраење од 10 години што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го потпишаа со „Мен енд Маунтен“, секоја година по завршувањето на еколошката акција „Генералка викенд“ во ноември се случува вториот дел од акцијата наречен „Сончева гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште. На секои 10 килограми собран отпад од „Генералка викенд“ се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување.

Во последните четири години беа собрани еден милион килограми отпад за време на „Генералка викенд“. Досега во еколошката акција учествуваа над 44.000 волонтери, исчистени беа повеќе од 1.000 локации и беа засадени над 120.000 дрвја на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.