Почетна ЕкономијаСтановите во Штип поскапеле за 10%, најскапиот квадрат достигнал 1.500 евра

Становите во Штип поскапеле за 10%, најскапиот квадрат достигнал 1.500 евра

од nenad
1 минути читај за

Пазарот на недвижности во Штип бележи раст на цените, но истовремено и намалување на бројот на реализирани продажби. Просечната цена на становите е зголемена за околу 10 проценти во однос на минатата година, додека вредноста на склучените купопродажни договори за недвижности достигнува 13 милиони евра.

Од вкупната сума, осум милиони евра се однесуваат на продажба на новоизградени станови. Највисоката цена е регистрирана кај нов стан, за кој купувачот платил околу 1.500 евра за квадратен метар, покажуваат податоците на Општина Штип.

„Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13 милиони евра, од кои 8 милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500 евра од метар квадратен за нов стан“, изјави Драган Каров од Општина Штип.

И покрај поскапувањето, прометот со станови е намален. Во текот на годинава се склучени 207 купопродажни договори, што е за околу 30 проценти помалку во споредба со претходниот период, според податоците објавени од општината.

Во меѓувреме, се зголемува бројот на издадени одобренија за изградба на станбени згради. Новите објекти, сепак, ќе бидат евидентирани во катастарот во наредните години, поради што нивното влијание врз бројот на трансакции допрва се очекува.

„Претходната година имало повеќе згради коишто се впишани во катастарот, а оваа година има повеќе одобренија, но тие згради ќе се впишат во некоја од наредните години, па тогаш ќе има поголема препродажба на станови“, додава Каров.

Минатата година во Штип биле продадени 315 станови. Новите градежни проекти, според очекувањата, би можеле да ја прошират понудата во наредниот период, како во централното градско подрачје, така и во другите населби.