Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на работната посета на Брисел.На средбата стана збор за актуелните безбедносни предизвици, како и активностите на НАТО во насока на адаптирање кон новата безбедносна реалност, справување со предизвиците и зајакнување на одбраната и одвраќањето.
Во посебен фокус на разговорите беа актуелните состојби во Западен Балкан, како регион од стратешки интерес за Алијансата.“Блиската координација и заеднички активности на НАТО и ЕУ во Западен Балкан, како и забрзување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од регионот претставуваат клучни алатки за консолидирање на регионалната стабилност и затворање на вакуумот за потенцијални дестабилизирачки влијанија од трети страни.”- нагласи Османи
Воедно, Османи истакна дека Северна Македонија како кредибилен сојузник, останува посветена во својата определба за придонес кон глобалниот мир, колективната безбедност и стабилноста на регионот. Во таа насока, се осврна на нашиот придонес во мисиите и борбените групи на НАТО, како и определбата за одвојување на 2% од целокупниот БДП за одбраната.
На средбата, стана збор и за руската воена агресија врз Украина, како и поддршката за украинскиот народ, а во тој контекст и беа нагласени и значајните одлуки од неодамнешниот Самит на НАТО во Вилнус со кои уште еднаш се потврди единството на Алијансата.