Претседателот на Собранието Африм Гаши, придружуван од генералната секретарка Марина Димовска, ја почна својата работна посета на Бeрлин со средба на Ана Лирман, државна министерка за Европа и клима во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На средбата присуствуваше и нашиот резидентен амбасадор, Н.Е. Илбер Села. Беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји на како на политичко, така и на економско и пошироко општествено нивo и силната и континуирана германска поддршка на нашите еворинтеграции.
Од страна на Претседателот Гаши, беше посебно истакната проактивната улога на Германија со иницирањето на Берлинскиот процес, и во месецот кога се одбележува 10-годишнината од неговото постоење, видливи се придобивките за земјите учеснички и нивните граѓани. Во однос на пристапувањето во Европската Унија, беше искажано уверување за заокружување на преостанатите домашни обврски, со цел отворање на првиот кластер со апел за поголема предвидливост и појасна траекторија на движење во текот на преговорите и стриктно почитување на Копенхашките критериуми и барања за членство.
Лирман јасно ја искажа својата целосна поддршка за земјата и како силен поборник за проширувањето, посочи дека покрај донесувањето на усваните измени, за земјите членки е од особена важност земјата да покаже напредок во клучните области како владеење на правото, реформа на судството и борба против организираниот криминал и корупција за поизвесен тек на процесот на преговори. Ја пофали земјата како пример за мултиетничноста и пристапот во решавањето на отворените прашања со соседите.
Двајцата соговорници беа согласни дека соработката меѓу двете земји продолжува во областите од взаемен интерес. Германија останува да биде водечки партнер и сојузник во остварувањето на нашите стратешки цели и приоритети, а дека процесот на обединување на Европа во време на есктремна глобална поларизација нема друга алтернатива. Тој истовремено претставува геополитичка потреба и предност за Европската Унија.