Во Србија денеска, 25 октомври, се одржуваат вонредни парламентарни избори, на кои главниот политички судир се очекува меѓу владејачката Српска напредна партија (СНС) и студентското движење, кое доби поддршка по масовните антивладини протести.
Изборите се сметаат за сериозен тест за владејачката структура на Александар Вучиќ, по повеќемесечните протести предизвикани од трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица.
Во изборната трка учествуваат 18 листи со вкупно 2.418 кандидати, а ќе се избираат 250 пратеници. Според Републичката изборна комисија, право на глас имаат околу 6,45 милиони граѓани, кои ќе гласаат на 8.392 избирачки места.
Изборниот процес го следат домашни и меѓународни набљудувачи, меѓу кои и мисии на ОБСЕ и европски институции. Кампањата се одвива во атмосфера на политичка поларизација, а набљудувачите предупредуваат на нееднакви услови за учесниците и проблеми со изборниот процес.
Дополнителни сомнежи предизвика истражување на Радио Слободна Европа, според кое повеќе од 500.000 граѓани се заведени во избирачкиот список без прецизно регистрирана адреса. Ова отвора прашања за точноста на списокот, иако властите тврдат дека тој е најажуриран досега.
Излезноста ќе биде еден од важните показатели за расположението на гласачите, особено по протестите и незадоволството од политичките и институционалните состојби во земјата.