Почетна ЕкономијаСкопјани се повикуваат да штедат вода, иако речиси 40 проценти се губат во системот, а само 37 отсто се фактурираат

Скопјани се повикуваат да штедат вода, иако речиси 40 проценти се губат во системот, а само 37 отсто се фактурираат

од nenad
6 минути читај за

Летниот бран со екстремни температури во Скопје резултираше со повисока употреба на вода за пиење. Општина Скопје и ЈП Водовод и канализација повеќекратно опоменаа за огромна и неконтролирана употреба на вода, апелирајќи до граѓаните да ја користат водата за пиење внимателно – да не се употребува за полевање на градини, бавчи и посеви, за миење на возила, полнење на базени и слично.

Меѓутоа, според извештајот за работењето на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година, само 37% од вкупното количество произведена вода минатата година е наплатена, додека скоро 40% (39,96%) претставуваат физички и комерцијални загуби од вкупниот влезен волумен на вода во системот. За регионот и пошироко, дозволената загуба на вода во системот се проценува на 20%.

Во текот на 2024 година, претпријатието произведе вкупно 110.055.436 кубни метри вода од двете изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2, како и од бунарските подрачја Лепенец и Нерези, што претставува зголемување во споредба со претходната 2023 година кога беа произведени 103.172.833 кубни метри. Од вкупната произведена вода, ЈП Водовод и канализација Скопје има фактурирано само 41.395.367 кубни метри вода кон своите корисници, а 68.660.089 кубни метри вода остануваат нефактурирани.

Произведената вода се употребува и за комунална потрошувачка, а загубите претставуваат неприходувана количина на вода. Тие во извештајот се класифицирани како: реални загуби кои произлегуваат од протекување на цевките и приклучните цевки, протекување на транспортни цевки и позадинско протекување, и административни видливи загуби кои произлегуваат од немерлива нефактурирана потрошувачка, потрошувачка од испорачаната количина на вода, грешки при мерење на потрошувачката кај корисниците и од неточни состојби.

Само 37% од вкупното количество произведена вода лани е фактурирана. Од вкупно произведени 110.055.436 кубни метри вода во 2024 година, само 37,43%, или 41.395.367 кубни метри, е приходована количина вода, односно наплатена. Фактурирана измерена потрошувачка е 41.145.636 кубни метри, додека неизмерена паушално фактурирана потрошувачка изнесува 249.731 кубни метри вода. Според Извештајот, 7.072.876 кубни метри вода се однесуваат на загуби од комерцијална нелегална потрошувачка и неточност на водомери. Нефактурирана легална потрошувачка изнесува 24.680.742 кубни метри вода. Неизмерена нефактурирана потрошувачка од 24.322.052 кубни метри е потрошена вода за тековно испирање на резервоари, водоводна и канализациска мрежа, вода потрошена преку фонтани и јавни украсни чешми, а во најголем дел е потрошена при санирање дефекти и полевање јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило.

Загубите на вода во 2024 година во водоводниот систем изнесуваат 43.979.327 кубни метри. Тука се пресметаните физички и комерцијални загуби кои се 39,96% од влезниот волумен на вода во системот. ЈП Водовод и канализација Скопје во извештајот наведува дека има усвоена проактивна политика за детекција на реалните загуби во мрежата и стратегија за намалување на загубите која се спроведува.

“- Одделение за откривање и поправка на дефекти на водоводната мрежа главно работи на проактивно откривање на истекувања и непријавени истекувња.”

За регионот и пошироко, дозволената загуба на вода во системот се проценува на 20% од вкупно произведената вода. За намалување на загубите на вода потребно е вложување на голем труд и експертиза, за загубите да се доведат во границите на прифатливото. За таа цел, ЈП Водовод и канализација Скопје има набавено теренско возило за истражување и откривање на дефектите, опремено со најсовремена опрема за овој вид на работа. Формирани се тимови со обука на луѓето што ќе работат со опремата, бидејќи на истражувањето и намалувањето на загубите гледаме како на внатрешна резерва со која можеме да ги ублажиме недостигот на вода во водоводниот систем потребно изразен во летните месеци, се вели во Извештајот за работата на ЈП Водовод и канализација Скопје за 2024 година, објавен во март 2025.

Вкупните приходи на претпријатието во 2024 година изнесуваат 1.682.578.853 денари, од кои од продажба на производи и услуги се 1.519.132.881 денар, од кои, од продажба на вода се 1.471.767.095 денари. Вкупните расходи изнесуваат 1.927.802.521 денари и загубата по оданочување изнесува 256.104.918 денари. ЈП Водовод и канализација Скопје одржува 1.265 километри водоводна мрежа, на која во 2024 година биле реализирани 360 нови приклучоци и извадени од мрежа се вкупно 2.245 водомери.

Минатата година биле реализирани 923 санации на улични дефекти, 150 дефекти на затворачи, 121 дефект на огрлици, 1.046 дефекти на приклучни цевки, 82 дефекти на противпожарни хидранти и 4.177 дефекти во шахти. Во 2024 година во ЈП Водовод и канализација Скопје работеле вкупно 1.048 лица. ЈП Водовод и канализација Скопје снабдува со вода за пиење население од над 600.000 жители на Град Скопје.

Најмногу вода се произведува во летните месеци јули (10.361.096 кубни метри) и август (10.200.482 кубни метри), додека најмалку во февруари (8.005.587) и март (8.587.482). Во еден ден најмногу се произведени на 21 јули 2024 – 351.814 кубни метри, а најмалку на 21 декември 2024 – 204.415 кубни метри вода.

Нискиот притисок и честите рестрикции на вода речиси секое лето веќе стануваат вообичаена ситуација за делови од Скопје и сè повеќе жители на главниот град. Ваквата состојба предизвикува политички препукувања.

Одговорноста за тоа што делови од Скопје се без вода или со низок притисок, од ВМРО-ДПМНЕ ја лоцираат кај градоначалничката Данела Арсовска, обвинувајќи ја дека да работела на водоводната мрежа и нејзиното обновување, не само што ќе немало проблем со притисокот туку и немало да ги има големите загуби што ги има сега. И порачаа да не води политика, туку да им обезбеди вода на скопјани.

Таа, пак, вели дека тие што ја напаѓаат „глумат политичка загриженост во услови на рекордна потрошувачка од 356,000 кубни метри вода дневно и во просек со 30 фатени и спречени нови диви приклучоци секој ден“ и повика МВР да постапува.

Според Арсовска, изворот од каде се снабдува градот – Рашче, како и дополнителните бунарски системи во Нерези и Лепенец, немаат доволно капацитет да испумпуваат питка вода колку што граѓаните трошат.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, вчера на прес-конференција, прашан дали централната власт може да помогне во решавањето на проблемот со водоснабдувањето, рече дека Владата нема ингеренции да интервенира во решавањето на водоснабдувањето на територијата на Скопје.

“- И согласно Законот за локална самоуправа, но и согласно Законот за води, одговорноста во делот на водоснабдувањето е во рамки на локалната самоуправа т. е. во рамки на Град Скопје. Владата тука нема никакви ингеренции, тоа сакам да го кажам, најдиректно за да им стане јасно на нашите граѓани”, рече Перински.

Според него, ова е кулминација од сите наталожени проблеми кои го оптоваруваат градот Скопје во изминатите повеќе од три и пол години и кои кулминираат во рамки на самите јавни претпријатија.