Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија, каде што ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.
Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес(NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година.
Амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.
За Сиљановска-Давкова енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите.
Претседателката посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства.
Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да странат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување.
„Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:
Почитуван претседател, екселенции, дами и господа,
Дозволете ми да им се заблагодарам на Република Турција и на претседателот Ердоган за организирањето на овој самит посветен на климатските промени.
Десет години откако мојата земја го потпиша Парискиот договор, остануваме убедени дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите. Станува збор за светот што ќе им го оставиме на идните генерации. Ние сме првата генерација којашто целосно ги разбира последиците од своите избори, а можеби и последната којашто има време да го промени правецот. Идните генерации ќе живеат со последиците од нашите одлуки.
Оттука, доаѓаме на COP31 со јасно чувство за одговорност. Ние сме мала земја без излез на море, лоцирана во поширокиот медитерански регион – еден од регионите што се најизложени на климатските промени. Сепак, подготвени сме да преземеме товар поголем од нашиот сопствен удел.
Водени од убедувањето дека климата е заедничко добро на човештвото, климатските активности ги поставив не само како личен, туку и како политички приоритет. Ова убедување ме поттикна да иницирам национален дијалог во македонското општество, обединувајќи експерти, креатори на политики и практичари за заедничко обликување на нашата климатска агенда.
Оваа колективна заложба е делумно одразена во нашиот трет Национално утврден придонес (NDC 3.0),каде е поставена амбициозна цел: намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со очекување да се искачи и до 82% со меѓународна финансиска поддршка. Ова нè става на кредибилен пат кон климатска неутралност до 2050 година, што ќе претставува и правно обврзувачка цел.
Амбициите ги преточуваме во политики преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, коишто се усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044. Овие напори се исто така составен дел од нашиот европски пат, приближувајќи ги нашите политики во областите на климата, енергетиката и животната средина до највисоките европски стандарди.
Сепак, не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние коишто се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Вооружените конфликти и тешката енергетска криза ја прават и онака тешката транзиција уште попредизвикувачка. Таа мора да биде фер и достапна, со посебно внимание на жените, децата и младите. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел.
Оттука, ја поддржуваме Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот од Анталија за зелена индустријализација и Рио Синергиите.
Сепак, мојата земја не може сама да ја финансира оваа трансформација. Извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата ги идентификува инвестициските потреби од милијарди долари за декарбонизација и адаптација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива.
Кога ќе се пишува историјата на оваа деценија, да не се каже дека ја согледавме опасноста, ги разбравме последиците, а сепак немавме храброст да дејствуваме. Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат.